Иранскиот парламент веќе го има одобрено затворањето на Ормускиот Проток, а доколку тоа навистина се случи, последиците ќе бидат огромни за целиот свет.
Ситуацијата на Блискиот Исток се затоплува, а потези како затворањето на Ормускиот Проток би можеле да имаат последици за целиот свет.
„Загриженоста за одмазда и можноста за ескалација на оваа војна е огромна, особено ако Иран го затвори Ормускиот Проток. Тоа би било исклучително опасно и лошо за сите“, изјави високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, пред состанокот со европските претставници.
Ормускиот Проток е клучна бродска рута за глобалните снабдувања со енергија, а секое нарушување на сообраќајот на таа локација би имало сериозни геополитички и економски последици.
Да потсетиме дека Израел прво почна да го бомбардира Иран, тврдејќи дека Техеран развива нуклеарно оружје, за што нема конкретни докази, а во текот на викендот САД се придружија на нападите. Три нуклеарни постројки беа погодени, и иако Вашингтон објави дека акцијата била успешна, според иранските власти, тие постројки се напуштени веќе некое време бидејќи биле евакуирани.
Од денес на сила е прекин на огнот, но ситуацијата и натаму е напната. Светот внимателно следи како ќе реагира Иран, а еден клучен потег би бил затворање на Ормускиот Проток, витален трговски пат низ кој течат една петтина од глобалните резерви на нафта. 20 милиони барели нафта и течен природен гас минуваат низ теснецот секој ден.
Ормускиот Проток е геостратешки важен за САД, но и за многу други земји, бидејќи светската економија во голема мера зависи од нафтата.
Овој теснец се наоѓа помеѓу Оман и Иран и ги поврзува Оманскиот Залив и Персискиот Залив. Го контролира морскиот сообраќај кон Кувајт и Ирак и е широк околу 50 километри во најтесната точка.
Се проценува дека една петтина од светската потрошувачка на нафта поминува низ Ормускиот Проток, а го користат членовите на ОПЕК, Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, за транспорт на сурова нафта до Азија.
Покрај тоа, Петтата флота на САД, со седиште во Бахреин, е задолжена за заштита на комерцијалниот превоз во областа.
Според Guardian, американскиот претседател Доналд Трамп би ја платил цената, а цената на нафтата веднаш би скокнала низ целиот свет.
Од друга страна, Иран би си наштетил и економски. Иранската нафта се транспортира по истата рута, а нејзиното затворање би ризикувало земјите од Заливот, кои остро ги критикуваа израелските напади, да бидат вовлечени во војната за да ги заштитат сопствените интереси.
🚨 BREAKING: Iran’s parliament just voted to close the Strait of Hormuz, the chokepoint for nearly 25% of the world’s oil — per Press TV.
— Brian Allen (@allenanalysis) June 22, 2025
Bad news. pic.twitter.com/amBqeeFDdp
Затворањето на теснецот би предизвикало значителна штета и за Кина. Втората најголема економија во светот купува речиси 90% од иранската нафта, која инаку е под меѓународни санкции.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја повика Кина да помогне во решавањето на проблемот.
„Го повикувам Пекинг да му се обрати на Иран, бидејќи тие во голема мера зависат од Ормускиот Проток за снабдување со нафта. Ако го сторат тоа, тоа ќе биде уште една ужасна грешка. Тоа би било економско самоубиство за нив“, рече тој.
Веќе има извештаи дека некои танкери го промениле курсот по нападите на САД.
Иранската државна телевизиска станица Press TV објави во текот на викендот дека иранскиот парламент го одобрил затворањето на Ормускиот Проток, но конечната одлука ќе ја донесат високи функционери.
Во неделата, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, наговести за одмазда, велејќи дека одлуката на Трамп да го бомбардира Иран „ќе има вечни последици“.
Во своето прво обраќање откако САД влегоа во војната на Израел против неговата земја, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, рече дека Израел направил „сериозна грешка и мора да биде казнет“, но не го спомена конкретно Ормускиот Проток.
Дали со денешниот прекин на огнот ќе згасне и опасноста за блокада на Ормускиот Проток, останува да видиме.