Матс Виландер, поранешен тенисер и актуелен коментатор на Eurosport, изјави дека младите тенисери повеќе не се плашат од Новак Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ освои три Грен слемови сезонава, а загуби во финалето на четвртиот.
Годината по седми пат ја заврши како прв тенисер во светот и го собори рекордот на Пит Сампрас.
Сепак, Виландер смета дека помладите тенисери веќе не му се плашат на Србинот.
„Најголемата разлика е што момците кои се зад Новак сега веруваат дека можат да го победат на која било подлога во секое време. Мислам дека веќе не му се плашат, освен во ситуацијата кога се игра четвртиот или петтиот сет на Грен слем. Ја видоа најдобрата тениска сезона досега во текот на 2021 година. Сепак, на крајот, Новак изгледаше малку ранливо на УС Опен и на завршниот Мастерс. Можеби дури и на Олимпијадата. Можеби беше лоша идеја што отиде во Токио. Се чинеше како после тоа да му опадна малку самодовербата. Сепак, ова беше неверојатна година за Новак, кој не изгледа ниту ден постар од 24 години, а има 34 години“, рече Виландер.
Дали Ѓоковиќ ќе игра на Австралија опен?
„Не знам што ќе направи Новак. Тоа е Грен слем каде што имаше најголем успех. Тоа е местото каде што би можел да ја освои 21-та титула. Но, истовремено тој размислува за своето здравје, за долгорочната иднина. Не би ме изненадило Новак да не отиде. Дали ќе биде лошо за турнирот? Да, на еден начин. Но, истовремено би добиле шанса да добиеме нов Грен слем шампион“, заклучи Виландер.