Ниту било разговарано за промена на химната, ниту во иднина ќе се разговара, граѓаните да бидат спокојни, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања, и СДС пинг-понг политиката треба да престане. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина“, велат од владејачката партија.
Министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари, претходно изјави дека е подготвен не само за грбот туку во пакет да се разговара за менување и на химната и на 20% Албанци, но и за други нерешени етнички прашања. Неговиот став е дека во пакет треба да се решат овие прашања што останале нерешени во последните 30 години за да може да се посветиме на економијата, антикорупцијата и на евроинтеграциите.
Неговата изјава од СДСМ ја опишаа како шокантна.