Неколку илјади граѓани на Чешка се собраа на Карловиот мост во Прага каде организираа „симболична забава за збогување“ со COVID-19, пренесе BBC.
Учесниците на забавата, која се одржа вчера, со себе носеле храна и пијалаци кои меѓусебно си ги делеле, пренесе BBC.
На забавата не се почитувале мерките за социјална дистанца, а организаторите изјавија дека прославата е организирана во текот на периодот во кој нема туристи. За добриот амбиент се погрижиле локални музичари и улични свирачи.
Организаторите на настанот велат дека со прославата сакаат да одбележат крај на кризата предизвикана од епидемијата и дека сакаат да покажат дека луѓето не треба да се плашат од дружба.
„Сакаме да го прославиме крајот на корона-кризата со средба и без страв од средби. Општеството не треба да е исплашено. Инаку, ќе имаме економски кризи, депресија и тоа ќе биде потежок удар од COVID-19“, вели организаторот Ондреј Кобза за AFP.
Козба е познат по тоа што на улиците во Прага постави пијано и маси за шах на локалниот плоштад.
Во Чешка од коронавирусот заболеа околу 12.000 луѓе, а 350 починаа. Минатата недела владата на Чешка дозволи собири до 1.000 луѓе, отворање на базени, музеи, зоолошки градини и галерии.