Спасена е жена која три дена седела заглавена во автомобил со мртвото тело на свој роднина откако ги погодила смртоносната поплава во Шпанија, соопшти спасувачката служба.
Автомобилот со преживеаната жена е откриен во поплавен тунел во Монкада, лоциран во југоисточната покраина Валенсија, заглавен со уништени автомобили. Спасувачите, вадејќи ги автомобилите, слушнале лелек на жена. Не можела да излезе бидејќи нејзиниот автомобил бил под други возила.
По спасувачката акција жената е префрлена во блиската болница и засега не е позната нејзината здравствена состојба. Локалните власти, исто така, им се заблагодарија на волонтерите кои дојдоа од цела Шпанија во поплавената Валенсија.
Шпанскиот премиер Педро Санчес претходно денеска соопшти дека бројот на жртвите во поплавите се искачи на 211. Додаде дека 208 од жртвите се од Валенсија. Санчес најави и дека уште 5.000 војници ќе бидат испратени во областите погодени од поплавите. Во погодените подрачја денеска се очекува да пристигне првиот контингент од 4.000 војници.
Во моментов е во тек потрагата по стотина исчезнати лица.