Македонскиот капитен за кратко време направи промена и од еден француски клуб премина во друг.
Бекот Војдан Стојановски нема повеќе да настапува за тимот на Елан Беарне. По само два месеца играње за тимот кој порано беше познат како По Ортез, Војдан потпиша за Гравлин-Данкерк кој се наоѓа на другиот крај на Франција. Добрите игри во француската лига му донесоа подобра понуда.
На неговиот нов тим не му оди добро и по 18 натпревари има скор од само 5 победи и 13 порази од кои 9 во активна низа. Капитенот на македонската репрезентација треба да му помогне на тимот близу белгиската граница да избори опстанок во најквалитетната француска лига.
Стојановски потпиша договор до крајот на сезоната, а за евентуално продолжување на соработката ќе зависи токму од пласманот на Гравлин-Данкерк, односно дали ќе избори опстанок. Тој на новиот тим ќе му се приклучи на 20-ти овој месец.