Авто новости

Возачи, внимавајте: Влажните лисја се опасни колку и подмрзнување на патот

18. ноември 2019 - 16:14 | А.С.

Есента е период од годината кога временските услови се нестабилни, често врне дожд, има магла, ветер, а неретко во раните утринските часови на одредени осојни места има појава и на голомразица. Коловозите се влажни, денот е пократок, видливоста е намалена.

РСБСП потенцира дека возењето во есен носи многу предизвици и апелира на будност, внимателност и на концентрирано учество во сообраќајот и потсетува на најголемите закани за безбедното одвивање на сообраќајот во овој период од годината: намалена видливост, зголемена фрекфенција на потешко видливи пешаци и велосипедисти, одрони на пат, како и влажни коловози и коловози покриени со лисја.

Влажните коловози го продолжуваат сопирачкиот пат на возилото, а неретко предизвикуваат и излетување на возилото од патот. Влажните есенски лисја на коловозот исто така може да бидат причина за пролизгување на возилото надвор од коловозот. Затоа, неопходно е да се намали брзината и истата да се прилагоди на условите на патот, советуваат од РСБСП.

Насобраните влажни лисја на патот може да бидат опасни како масло или голомразица. Затоа како возачи треба да бидете особено внимателни на патишта каде не се расчистува редовно, како и во близина на пешачки премини и на остри кривини.

Дали знаете колку може да бидат незгодни, па и опасни насобрани влажни лисја?

Може да имаат ефект на голомразица, а возачите најчесто не реагираат на нив како на опасност кога ќе ги забележат на патот. Доволно е едно од тркалата да наиде на влажни лисја, па автомобилот да почне да зализгува.

Според статистичките податоци, влажни лисја на патот се причината за десетина тешки сообраќајни несреќи на годишно ниво, а за најопасен месец се смета токму ноември, кога има најмногу паднати лисја и обично е врнежливо.

Не мора да значи дека треба да поминете низ куп влажни лисја за да ви зализга возилото и да се отежни кочењето. Доволни се само неколку влажни лисја, особено во раните утрински часови и во приградските населени места, каде нередовно се чистат лисјата од патот.

Токму затоа, треба да го зголемите растојанието од возилото пред вас, да ја намалите брзината и да не правите нагли маневри со возилото во вакви услови на патот.

И сувото лисје може да создаде непредвидени услови на патот.

Не преминувајте со возилото преку куп лисја затоа што може да наидете на непредвидена препрека (дупка, камен или друг тврд предмет) и никогаш не паркирајте на куп лисја затоа што сувите лисја може да се запалат од издувниот систем на возилото, советуваат од РСБСП.

Коментирај