Кинескиот град Вухан направи повеќе од 6,5 милиони тестирања за коронавирус во период од 10 дена, како дел од намерата да ги тестира сите 11 милиони граѓани, објавија кинески државни медиуми.
Градската здравствена комисија побара од сите кои не се тестирани да се пријават до крајот на денешниот ден (вторник).
Не е регистриран ниту еден нов случај на COVID-19 во тие 10 дена, а пред кампањата беа тестирани 3 милиони луѓе во градот, објави државната новинска агенција Xinhua.
Кампањата беше лансирана откако беше откриен кластер од шест случаи во една станбена зграда.
Во Вухан, градот каде лани во декември почна заразата со COVID-19 и прерасна во пандемија, е најтешко погодениот град во Кина, објави Associated Press.
Според најновите податоци, на светско ниво има 5.591.677 заразени со коронавирусот. Од нив 347.944 починаа како последица од COVID-19, a 2.368.016 оздравеа.