Видео сервисот YouTube е во фаза на тестирање на нова функција која ќе им овозможи на корисниците да добиваат помалку известувања од каналите на кои се претплатени, но повеќе не ги посетуваат често.

Новата функција може да се објасни со познато сценарио. На пример, пред неколку години сте се претплатиле на канал на YouTube и во тоа време толку многу ви се допаднало што сте ги поставиле известувањата на „All“ за да добивате известување на вашиот телефон секогаш кога нешто ќе се случи на тој канал. Сепак, со текот на времето станувате помалку заинтересирани за каналот, но известувањата продолжуваат да доаѓаат. Веќе не ве интересира каналот, па известувањата стануваат досадна глетка што само ја отстранувате од екранот.
Google знае дека ова се случува, како и фактот дека многу луѓе не одлучуваат да се откажат од каналот, туку едноставно ги исклучуваат известувањата. Тоа не е идеално за компанијата, па Google тестира нов систем кој „интелигентно“ го намалува бројот на известувања од каналите на кои корисникот е претплатен, но повеќе не ги посетува често.
Новата функција нема да влијае на каналите што корисникот сѐ уште редовно ги следи. Ако некој корисник посетил канал каде што ги вклучил сите известувања, тој сепак ќе ги прима. Меѓутоа, штом ќе престане интеракцијата со каналот, бројот на известувања ќе се намалува со текот на времето, без корисникот да треба да преземе никакво дејство. Се работи за win-win ситуација, бидејќи корисникот ќе добива помалку известувања за работи што не ги интересира, додека Google ќе ги намали шансите корисникот целосно да ги исклучи известувањата.
Засега сѐ е само тест, па нема гаранција дека функцијата ќе стигне до сите корисници. Од друга страна, делува како корисен додаток на YouTube, па би било добро по фазата на тестирање целосно да заживее на популарниот видео сервис.