Фудбал
КУП НА МАКЕДОНИЈА 2019/20

Захов му подари реми на Работнички, Академија Пандев го освои Чаир

4. декември 2019 - 14:59 | Ф.З.

Во првите четвртфинални натпревари од Купот на Македонија гостинска победа оствари Академија Пандев, Работнички се избори за реми кај Шкендија, додека немаше голови на натпреварот помеѓу Струга и Ренова.

Тетовчани поведоа со голот на Бразилецот Стениу Жуниор уште во 8-мата минута по одлична асистенција од Марјан Радески, но една авантура на голманот Костадин Захов ги чинеше израмнување. Се случи во 33-тата минута кога Захов комбинираше со одбраната, при една вратена топка се обиде да го дрибла Драган Стојков, но се сплетка и играчот на Работнички ја затресе празната мрежа. До крајот домаќините не успеаја да дојдат до победнички гол иако има ашанси, па така патникот во полуфиналето ќе се бара на реваншот во Скопје.

Тимот на Академија Пандев успеа да слави на гостувањето во Чаир кај Шкупи благодарение на гол постигнат во судиското надополнување. Домаќините промашуваа, а тоа на крајот го казни Темелков. Со гостинска победа, се чини струмичани се најблиску до пласман во четвртфиналето. За потсетување, тие се и актуелен шампион.

На бреговите на Охридското езеро се сретнаа Струга и Ренова во натпревар кој заврши без голови. Иако не победија, на стружани повеќе им одговара овој резултат бидејќи на реваншот им одговара било какво реми доколку е со голови.

Последниот денешен натпревар ќе се игра под рефлектори во Штип каде во второлигашката пресметка Брегалница го пречекува тимот на Лабуништа.

Стадион „Градска Плажа“ во Струга
Струга - Ренова 0:0
Судија: Марјан Гоцевски (Струмица)

Стадион „Градски“ во Тетово
Шкендија - Работнички 1:1 (1:1)
Стрелци: 8' Стениу Жуниор - 33' Драган Стојков
Црвен картон: 90' Себастијан Ерера Кардона (Р)
Судија: Боби Величков (Велес)

Стадион „Чаир“ во Скопје
Шкупи - Академија Пандев 0:1 (0:0)
Стрелци: 90'+3 Ристе Темелков
Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје)

Во 16.30 часот:

Стадион „Градски“ во Штип
Брегалница - Лабуништа
Судија: Благојче Ралевски (Битола)

Реваншите ќе се играат дури на 4 март наредната година.

Коментирај