Запознај ја Македонија: Ледничко езеро Локув од птичја перспектива
На официјалната Facebook страница на Националниот парк Маврово објавени беа фотографии од птичја перспектива на ледничкото езеро Локув.
Локув е ледничко езеро и е едно од петте езера на планината Дешат. Ова е најниското ледничко езеро во Македонија. Се наоѓа на 1.565 метри надморска висина, во близина на селото Требиште.
Езерото Локув е сместено во густа букова листопадна шума, која го опколува од сите страни во подгорието на планината Дешат. Поточно, езерото е сместено во дното на една вдлабнатина во подгорието на планината над селата Битуше и Требиште. Неговата потесна пристапност е релативно потешка бидејќи од 1.160 м.н.в. до 1.200 м.н.в. во должина од 1 км е пробиен макадамски шумски пат прооден само за теренски возила, а од споменатата височина (извор Влог) до езерото водат две коњски патеки кои повторно се соединуваат кај месноста Салева Ливада на 1.440 м.н.в. До него се стигнува по делумно (послабо) обележана пешачка патека од селото Требиште (40 мин) или од игралиштето кај караулата над Битуше (1 час и 10 мин), од кои и двете водат низ густа букова и дабова шума, а втората и низ високи папрати. Името Локув потекнува од истоименото растение кое расте во изобилство во околината на езерото, а исто така со помала веројатност може да се претпостави дека тоа потекнува и од зборот локва.
Фото: Екрем Веапи