Македонија

Заврши расправата за законот за ЈО, Мизрахи разрешена од функцијата министер за труд и социјална политика

15. февруари 2020 - 9:40 | МИА

На еден ден пред распуштање, Собранието работеше цела ноќ. На 135. седница заврши расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство, а гласањето, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се спроведе кога координаторите на пратеничките групи ќе го обезбедат потребното мнозинство и рече дека дополнително ќе информира за продолжението на седницата.

Собранието со 62 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани на 136. седница ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата министер за труд и социјална политика.

Премиерот Оливер Спасовски, образложувајќи го Предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, рече дека побарал таа да биде разрешена по, како што рече, серијата нејзини настапи на кои грубо ги прекрши законите кои го уредуваат уставното име на земјата.

-Во Владата не го коригираше ова свое однесување. Секој треба да ги почитува Уставот и законите, а институциите мора да функционираат беспрекорно, нагласи премиерот. Изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже демократски капацитет и ќе предложи нов кандидат за министер.

Мизрахи, пак, посочи дека место да ја критикуваат нејзината работа, била мета на антисемитски напади.

– Нарушените меѓучовечки односи, непостоење вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, тоа се проблемите на Министерството за труд и социјална политика. Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер во Влада бев мета на антисемитски напади  од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда, изјави Мизрахи.

Пратениците го донесоа и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка.

И изминатиот ден во фокусот беше законот за јавно обвинителство. Премиерот Оливер Спасовски смета дека прво треба да се донесат во Собранието сите закони, кои, како што рече, се многу битни за граѓаните, па дури потоа да се распушти Собранието и да се оди на избори. Не сакаше да зборува за формирање евентуално ново парламентарно мнозиство, бидејќи, како што рече, ќе се испочитува договореното, ќе бидат усвоени законските решенија по што ќе се оди на избори.

-Ние мора прво да ги донесеме законите кои се исклучително важни за оваа држава и потоа треба да одиме на избори. Тоа е ставот кој го имаме и како Влада и како партија, од првиот момент до денеска. Така што, сите законски решенија, пред се законот за ЈО кои треба да дадат дополнителни позитивни аргументи во носење на одлуката на Европскиот совет да почнат преговорите со ЕУ треба да биде приоритет на сите политички партии и на секој пратеник во Собранието, рече вчера Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Спасовски изјави дека имаат коректни односи со ДУИ и очекува дека така како што ја започнале коалицијата така и да ја завршат во однос на овие законски решенија.

Коментирај