Украинскиот претседател Володимир Зеленски рано утринава ѝ се обрати на нацијата, велејќи им на своите граѓани и на светот дека Украина е посветена на мирен и дипломатски пат.
„Постапките на Русија го нарушуваат суверенитетот на Украина. Никому ништо не должиме, никому ништо нема да отстапиме“, рече Зеленски, додавајќи дека неговата земја не се плаши од ништо и од никого.
Зеленски очекува сојузниците да ѝ дадат јасна поддршка на Украина во овој момент и повика на итен самит со руските, германските и француските лидери.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот призна два сепаратистички региони на Украина и испрати војници во тие области, тврдејќи дека се во мировна мисија.
Прес секретарот на Белата куќа Џен Псаки потврди дека Зеленски и претседателот Бајден разговарале за ситуацијата околу 35 минути во понеделникот вечерта.