Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за „злосторство против човештвото“ откако нова серија ракетни напади предизвикаа прекин на струја во Украина.

Зеленски пред Советот за безбедност на ОН преку видеолинк изјави дека руската „формула на терор“ присилила милиони луѓе да останат без електрична енергија, без греење и без вода, на температури под нулата.
Во нападите починаа најмалку 7 луѓе, објави Украина. Нуклеарните електрани се исклучени. Три електрани кои сè уште се под контрола на Украина се исклучени од мрежа, а електраната во Запорожје – најголема во Европа, мора да работи на дизелски генератори за напојување на разладните системи и клучните безбедносни опреми. Истата е оштетена од гранатирање.
Соседна Молдавија вчера исто така доживеа големи прекини на струја, иако не беше директно погодена. Како што се доближува зимата, Москва ги засили ударите на украинската енергетска инфраструктура.
Околу 80 проценти од домаќинствата во Киев се без вода и без струја по вчерашниот руски ракетен напад, јави dpa, повикувајќи се на властите.
„Сите општински служби работат на обновување на снабдувањето со електрична енергија и вода во Киев што е можно поскоро“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.
Во вчерашниот руски ракетен напад погодени се телевизиската мрежа, електропреносната мрежа и водоснабдувањето. Во моментов, електричните автобуси не сообраќаат поради недостиг на електрична енергија, а возовите сообраќаат на секои 10 минути.