Здравје

Живот без алкохол: Што ќе се случи ако престанете да пиете?

16. јануари 2020 - 18:29 | А.С.

Можеби ви се чини како екстремен потег, но откажувањето од алкохол може да ви донесе предности што ќе ве натераат два пати да размислите пред да нарачате пијачка.

Да се биде трезен е во тренд, особено кај луѓето кои се грижат за своето целокупно здравје. И тоа е тренд кој му дава позитивен предзнак на овој термин.

Сѐ повеќе компании предупредуваат на штетата што ја прави алкохолот на човечкиот организам.

Алкохолизмот е сѐ почеста појава меѓу младите жени, а тинејџерите сѐ порано почнуваат да пробуваат алкохол за првпат. Токму затоа важно е да се предупреди дека дури и умереното пиење алкохол не е здраво и може да има сериозни последици по здравјето.

Ако престанете да пиете алкохол, ова ќе му се случи на вашето тело:

Подобрување на целокупното здравје

Алкохолот содржи калории, па кога пијат, луѓето носат нездрави прехранбени одлуки. Тоа се одразува на тежината и на кардиоваскуларното здравје.

Мамурлакот може да ве спречи наутро да вежбате или да отидете на трчање. Кога луѓето ќе се откажат од алкохол, остануваат верни на своите здрави навики, но исто така го намалуваат ризикот од рак, го подобруваат здравјето на срцето, го зајакнуваат имунолошкиот систем и имаат поздрав црн дроб.

Поквалитетен сон

Алкохолот делува како „сол на рана“ кога станува збор за проблеми со спиењето. Ја скратува РЕМ фазата и влијае на биоритамот. Исто така го дехидрира организмот, па или немирно спиете или станувате за да пиете вода.

Луѓето кои престанале да пијат алкохол велат дека се поодморени и дека имаат подобро ментално здравје.

Повеќе енергија

Со пиењето алкохол ги намалувате залихите на витаминот Б, а последица на тоа е лошо расположение и намалена енергија. Логично е дека кога ќе престанете со пиење ќе имате повеќе енергија и елан.

Алкохолот влијае на нивото на хидратираност, на моторичките функции и на опоравувањето на мускулите, па кога нема да пиете алкохол ќе забележите далеку подобри перформанси од вашето вежбање.

Подобро ќе се справувате со проблемите

Не е новост дека многу луѓе посегнуваат по алкохолот кога имаат проблеми со кои не можат да се носат. Луѓето на тој начин мислат дека се справуваат со проблемот, но всушност само бегаат од него.

Кога ќе се тргнете од алкохолот и средината во која се пие, ќе можете трезвено да се соочите со проблемите и да се справите со емоциите на вистински начин.

Поголема самодоверба

Ако мислите дека алкохолот ви помага да се опуштите и да бидете подруштвени, се лажете. Тоа е минливо и лажно.

Кога ќе ја немате „поткрепата“ од алкохолот ќе можете да се запознаете подобро себе си, да ги откриете своите најдобри квалитети и со таа самодоверба искрено да настапите пред колегите и надредените на работа, пред личноста која ве привлекува, но и пред самите себе.

Коментирај