Ако мислите дека најголема заработка на Tesla ѝ ја носи скапата електрична лимузина, а на Bugatti најнапредниот хиперспортски автомобил, се лажете. „Златните кокошки“ на големите автомобилски брендови не се секогаш најскапите модели.
Најголем профит на својот сопственик му носи легендарнот модел 911, поточно новата варијанта, Porsche 992, во конкуренција на сите дебитанти што се појавија на пазарот изминатава година.
Интересно е што основниот модел 911 не е најпродаваниот на Porsche, но е најисплатлив. Сочинува дури 11% од продажбата на Porsche и неверојатни 30% од заработката.
Зад 911 останаа сите популарни SUV модели, но и еден Ferrari F8 Tributo.
Ова Ferrari се продава со маржа од дури 50%, a на Ferrari му носи 17% заработка, односно околу 307 милиони евра.
Интересно е што на листата е и моделот DBX, SUV возилото на Aston Martin што на патиштата ќе стигне дури во декември. Овој автомобил во 2020 двојно ќе ја зголеми продажбата на британската компанија и со проекција од 4.500 продадени примероци ќе донесе 21% од заработката.
Кога сме кај SUV моделите, најдобро котира Mercedes GLE кој иако сочинува само 9% од продажбата, носи 245 од заработката.
Веднаш зад него е BMW X5 со удел од 7% во продажбата и 16% во заработката.
Објаснувањето за големата заработка на „тркачкиот коњ“ на Porsche лежи во разновидноста на понудата.
„Porsche 911 е профитабилен сам по себе, а кога ќе ги додадете бројните варијации, заработката е огромна“, објаснува аналитичарот на Bloomberg Мајкл Дин.
„Ако претпоставиме дека ќе се продадат 10.000 примероци на моделот 911 Turbo, плус GT3 и Turbo S, само Turbo ќе му донесе на Porsche половина милијарда долари профит“, вели Дин.
Кога е во прашање електричната иднина на брендот, прогнозите воопшто не се лоши. Porsche планира да произведува 30.000 примероци од моделот Taycan годишно, а во развојот и досегашното производство вложи 6,6 милијарди долари.
Се проценува дека електричниот модел на Porsche ќе почне да носи профит во 2023 година.