Бројот на илегални преминувања на границите во Европската Унија во првите шест месеци од 2024 година се намали за речиси една третина (30 проценти), на околу 94.000, според податоците собрани од Фронтекс.
Меѓу главните миграциски рути, најголемо намалување на бројот на откриени илегални гранични премини забележаа Западен Балкан и Медитеранот, а најголем пораст забележаа западноафриканските и источните копнени граници. Најмногу илегални мигранти на сите рути годинава имало од Сирија, Мали и Авганистан.
Бројот на откриени премини на западнобалканската рута е намален за дури 72 отсто, а медитеранската рута, која лани забележа најголем број нелегални премини, бележи пад од 61 отсто во однос на лани. И покрај тоа, таа остана најактивната рута оваа година со речиси 26.000 откриени премини.
Во меѓувреме, западноафриканската рута продолжи да бележи рекорден број на откриени премини. Вкупниот број на илегални мигранти кои пристигнале на Канарските Острови во првата половина од годинава се зголемил за 174 отсто, на годишно ниво на речиси 20.000.
Втората најактивна миграциска рута во првата половина од годината беше Источниот Медитеран, каде што бројот на пристигнувања се зголеми за 75 отсто на речиси 25.000.
Во првите шест месеци од 2024 година е забележан и значителен пораст на илегалните преминувања на источните копнени граници, со нагло зголемување од 148 отсто или на бројки над 6.700. Огромното мнозинство од мигрантите откриени на оваа рута биле државјани на Украина.
Фронтекс нагласува дека со повеќе од 2.900 офицери и персонал ангажирани во различни операции, тие остануваат посветени на заштитата на надворешните граници на ЕУ.