Зоран Кардула со нови портрети на истакнати Власи низ историјата
По повод Интернационалниот ден на Власите, графичкиот дизајнер Зоран Кардула му оддаде почит на својот народ, збогатувајќи го албумот со илустрирани портрети на познати личности од влашко етничко потекло.
Кардула во објавата на Facebook нагласува дека овие луѓе, припадници на заедницата на која и самиот припаѓа и кои имаат оставено своја трага во влашката историја и култура, „исто така тие се и Македонци, Албанци, Грци, Југословени, Романци, Унгарци, Италијанци, Германци, Бугари, Австријци и се дел од нивната историја, култура и имаат одиграно значајна улога во формирањето на државите во кои живееле. Секогаш посветени во развојот на државата во која што живееле и лојални на истата.“
Меѓу нив се портретите на сликарот Никола Мартиноски, борците во НОБ Елпида Караманди и Манчу Матак и режисерот Слободан Унковски.
Им го честитаме Интернационалниот ден на Власите, а на Кардула му благодариме за овие неповторливи портрети.
За да дознаете повеќе за овие истакнати Власи, посетете го профилот на Кардула, каде тој има објавено кратки биографии заедно со портретите.