Зошто уште веруваме во митовите за сексуалното образование?

Светското искуство покажува дека училишните програми за сексуално образование кои ја земаат предвид психологијата на адолесцентите и традициите на земјата можат да дадат голем придонес за зачувување на здравјето на младите.

Илустрација: Sammie Yoon

Моралните лекции се изучуваат во семејството, не толку преку разговор, колку преку секојдневните постапки на родителите. Нивниот меѓусебен однос станува пример или антипример низ кој се одвива сексуалното (во најширока смисла на зборот) воспитување на децата. Но, „техничките“ информации за сексуалната страна на животот речиси секогаш и секаде стигнуваат до децата и младите преку други канали - преку врсниците, телевизијата, филмовите, книгите, интернетот, социјалните мрежи. Но, само училиштето може да обезбеди правилно, соодветно знаење за возраста за репродуктивното здравје и сексуалните односи.

Програмите за сексуално образование за училишни деца се појавија за првпат во повоена Европа. Во 1955 година, сексуалното образование стана задолжителен предмет во сите училишта во Шведска, во Германија беше воведен во училиштата во 1968 година, а во Австрија во 1970 година. Во исто време, почнаа да се појавуваат бесплатни консултации за адолесценти за прашања поврзани со контрацепција и планирање на семејството. Во осумдесеттите години, сексуалното образование стана широко распространето во Франција, Белгија, Велика Британија, а малку подоцна и во Шпанија и Португалија. Во 90-тите, стана задолжително во Чешка, Грција, Данска и Естонија. Како резултат на овие иновации, се намали преваленцата на сексуално преносливи инфекции и абортуси кај адолесцентите.

Искуството на Финска е поучно. На крајот на 90-тите, поради економската криза, трошоците за образование и здравство беа намалени. Сексуалното образование во училиштата стана опционално. Последиците беа моментални - зголемен бројот на абортуси кај адолесцентките (за околу 50%), а зголемена беше и инциденцата на сексуално преносливи инфекции. Во 2004 година, сексуалното образование повторно стана задолжително. За кратко време беше намален бројот на млади кои имаат сексуални односи на рана возраст, а намален беше и бројот на тинејџерски бремености и раѓања.

Позитивниот пример на Холандија е исто така охрабрувачки.

„Постојат бројни контроверзи околу сеопфатното сексуално образование. Родителите мислат дека со ССО нивните деца ќе бидат сексуално уште поактивни. Но, доброто и квалитетно сексуално образование се заснова на наука и учи за самодоверба, толерација и најважно, за личната одговорност. Младите имаат потреба, но и право на точни и јасни информациите за нивното сексуално и репродуктивно здравје. Затоа што, конечно, тие се самите одговорни да се грижат за своето здравје и права“, изјави г. Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија, на Национална конференција „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“.

„Резултатите кај нас се одлични - во 2019 година, просечната возраст на која младите стапувале во прв сексуален однос беше 17 години. Во 2022 година, младите во просек имаат прво сексуално искуство на 18,1 години“, додаде тој. 

„Би рекол дека итно е потребно ССО да стане дел од формалното образование тука, особено ако се има предвид дека младите денес се постојано на социјалните мрежи, каде што е уште полесно да се случи сексуално вознемирување. Училиштето мора да биде место каде што ќе може да се добие одговор на сите прашања, без срам или страв - затоа што сите ние сме сексуални битија,“ дополни г. Коп, повикувајќи се на искуствата во Холандија каде што сексуалното образование е задолжително и во основното и во средното образование и почнува уште од 4-годишна возраст - според модули соодветно прилагодени на возраста.

Кога програмите за сексуално образование за првпат беа воведени во Европа, многумина се сомневаа во нивната корисност и стравуваа од штетата што може да ја предизвикаат на децата и адолесцентите. И родителите и воспитувачите често се „заробени“ во митови, не знаејќи ги вистинските факти за добро дизајнираните превентивни програми. Главниот приговор на програмите за сексуално образование е тоа што, според мислењето на многумина, тие предизвикуваат рано стапување во сексуални односи. Сепак, студиите спроведени во многу земји покажаа дека сексуалното образование не промовира ран сексуален однос.

Освен тоа, може да го одложи почетокот на сексуалните односи и да доведе до поодговорен однос кон сексуалното однесување. Друг чест мит е дека сексуалното образование им ја одзема невиноста на децата. Всушност, добивањето сигурни, целосни, соодветни информации за возраста од авторитетен извор е корисно. Информациите добиени од „напредните“ врсници, постарите пријатели, од медиумите или од интернет ја одземаат невиноста и често ја трауматизираат детската психа.

Знаењата и вештините стекнати додека учат во вакви програми им олеснуваат на младите да комуницираат и да разберат, да градат здрави односи, да решаваат конфликти и да придонесуваат за нивниот хармоничен развој.

Стручната фела и фактите се јасни: ССО дава резултати


ССО е добро прифатено од младите, но се чини дека проблемот повторно е во авторитетите, во родителите, во оние кои треба да ги научат децата на овие многу важни теми. Се случува, кога се зборува за сексот, сексуалност и сексуалното образование, да провејуваат, па дури и преовладуваат погрешни информации, неосновани тврдења и разни дезинформации, најчесто во форма на митови. Самите авторитети понекогаш се извор на овие погрешни информации и митови, што води кон неоснован отпор кон ССО. Дали треба да се продолжи со интензивна едукација токму на наставниците, на стручните служби, дури и психолозите и лекарите кои понекогаш се незензитивизрани, недоволно едуцирани за реалноста на нештата, дали во таа насока треба да се направи повеќе? Јасно и очигледно е дека на децата, на младите сексуалното образование им е корисно, истражувањата тоа и го докажуваат, меѓутоа како најдобро и најточно да стигне до нив?

На 15 септември годинава, релевантни стручни здруженија и организации ја потпишаа Декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“, едногласно барајќи од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука да им осигураат системски пристап до научно засновани информации за сексуалното и репродуктивното здравје на сите млади во земјава.

Поддршка за воведување и за ефективно спроведување на сексуалното образование како изборен предмет во деветто одделение во основното образование, изразија Здружението на социјални работници на Македонија, Здружението на лекари Албанци, Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина, Институтот за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива, Македонското здружение на гинеколози и опстетричари, Македонското здружение на млади правници, Македонското лекарско друштво – МЛД и стручно-специјалистичките здруженија при МЛД, Психолошкиот центар Алтернатива, Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, Центарот за психосоцијална и кризна акција - Малинска, Центарот за семејна медицина при Медицинскиот фактултет во Скопје, како и организациите кои работат со млади и маргинализирани групи ХЕРА, Коалиција Маргини, Субверзивен фронт и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Сите потписници сме сложни, како и поголемиот дел од јавноста, дека сеопфатното сексуално образование им е потребно на нашите деца и млади за да се развијат во здрави и емотивно здрели личности. Науката е на страната на сексуалното образование, а социјалните и здравствените индикатори одамна алармантни. Сексуалното образование е дел од бројни политики и закони, политичката волја за неговото воведување сè појасна во последните години. Она што денес ни недостига е имплементација, а најважно од сè, па дури и предуслов за негово успешно спроведување, континуираната едукација на населението и сензибилизација на локалните заедници и на родителите за да им се спротивставиме на дезинформациите, лагите и говорот на омраза поврзан со ССО - нешто кон што сите можеме да придонесеме“, изјави тогаш Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.

Свое видување за прекинување на циклусот на генерирање и ширење на дезинформации и митови во врска со ССО, даде и проф. д-р Катарина Ставриќ, координаторка на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје:

„На сите нас ни е повеќе од јасно дека зборуваме за млади луѓе кои се наоѓаат во период на адолесценција и доживуваат бурни промени на сите полиња. Тоа се ситуации коишто, разбирливо, може да ги вознемират, па понекогаш дури и исплашат. Си поставуваат прашања што е тоа што се случува со мене, стануваат љубопитни и истражуваат. Ако ние не им ги дадеме информациите, тие ќе ги наоѓаат таму што каде што им се достапни, и голем дел од нив ќе бидат дезинформации и заблуди, какви што се, впрочем, и повеќето што ги читаме за сексуалното образование. Темите за сексуалноста и интимноста отсекогаш биле тешки теми за разговор, но тие се неделив дел од сите нас. Ако сакаме младите да израснат во сигурни и стабилни личност, неопходни се поддршка и разбирање, но и навремен пристап до научно потврдени информации и тоа во образовниот процес, за што всушност и за залага оваа Декларација.“

Таа смета дека паралелно со она што како информација стига до децата, треба да се нагласи колку се важни возрасните личности кои се околу нив, почнувајќи од професионалците во образовниот процес, од здравствените работници, матичните лекари, психолозите и педагозите во училиштата, па се до родителите на децата.

„Добро е да работиме со децата, но децата се толку лојални на она што стигнува како информација до нив од важните за нив личности, кои се за нив значајни и авторитетни личности, така што многу често ќе се најдат во конфузија на информациите, меѓу она што го нуди една ваква програма и она што го добиваат од возрасните. Така што јас мислам дека тоа се процеси што треба паралелно да се одвиваат, впрочем и целата оваа иницијатива со Декларацијата е така замислена, да се одвива на повеќе нивоа, да не бидат само младите запознаени, туку да се оди паралелно и на дополнителни обуки и тренинзи и за возрасните.“

Наташа Павиќевиќ Стојменовска, претставничка на Здружението на социјалните работници, нагласи:

„Дозволете ми да потсетам дека сексуалното образование е препознаено и во самиот Закон за спречување на насилство врз жените и семејното насилство. Тоа е алатка која може да придонесе и кон соодветна социјална превенција од насилство меѓу младите“.

За да се избегнат „стапиците“ на ширењето митови и невистини за ССО, таа смета дека  потребен е системски пристап кон тематиката.

„Би посочила дека во училиштата треба да постои кадар, стручни служби, кои покрај психолог, педагог треба да содржат и социјален работник и специјални едукатори. Занчи да се тргне системски, со градење систем преку вклучување на стручни лица кои би биле компететни, сензитивизирани, стручно подготвени, кои ќе можат секогаш да излезат во пресрет“, вели таа и ја нагласува потребата овие стручни служби, заедно со матичните лекари и другите авторитети во животите на младите, да бидат сензитивизирани и компетентни во пружањето поддршка на децата и младите.

Одговор на прашањето „Зошто уште веруваме во митовите за сексуалното образование?“ побарав и од м-р Давид Тасевски, психолог – семеен и системски советник и извршен директор на здружението за сексуални и родови малцинства „Субверзивен фронт“.

„Ова е многу важно прашање, и мислам дека често тргнуваме да бараме одговори од различни страни, без да тргнеме да трагаме по одговорот на овој начин. 

Во митовите, за жал веруваат и образовани луѓе. Зборувам за оние кои завршиле високо образование, меѓутоа, веројатно не посветиле доволно време на читање искуства, истражувања и литература од развиените земји кои десетици години наназад се занимаваат со овие прашања. Нивните искуства се важни, бидејќи тие имаат буџети кои ги користат на истражувања, за разлика од кај нас, каде секој денар се користи на вработување административец плус, без да се вложи во развој на литература и програми.

За мене, прва причина за отпорот кон сексуалното образование е долгогодишното пропаѓање на квалитетот на високото образование. Непотизмот, вработувањето преку партија или некакви клучеви е она кое години наназад почна трпеливо да го руши образованието од темел. Недостатокот на професори кои во нивната кариера ќе се посветат да остават квалитетни учебници на македонски јазик, следејќи ги најновите истражувања. Да не заборавиме, не е многу одамна моето студирање, кога мојата генерација учеше од книги на српско-хрватски напишани далеку пред распад на Југославија. Ова е дебакл од сам старт за една суверена земја која зборува за зачувување на македонскиот јазик. И дебакл, поради тоа што, по одредени предмети, се поминати преку 50 години без да се дадат освежени информации и факти на нашите студенти. Науката секако се движи напред во сите струки, меѓутоа одговорност е на професорите да ја следат и да ја носат поблиску до своите студенти“, вели Тасевски и додава:

„Срамот на оваа тема е исто така, токму тоа што Декларацијата, со која се бара системски пристап до научно засновани информации за сите млади, не ја потпиша Комората на психолози. Јас сум психолог, и ние психолозите би требало многу добро да знаеме во колкава мера денес се присутни булингот, влегувањето во сексуално искуство без дозвола од страна на девојчињата, како и малолетничката бременост. Тоа што ние сме земја на Балканот во која родителите сè уште во голема мера не зборуваат за односи и интима со своите деца, не треба да нè поколеба нас професионалците да туркаме кон внесување на овие теми, кои на децата ќе им дадат одговори на прашањата кои им стојат во нивните глави. Да не заборавиме, доколку ние не им обезбедиме научно засновани и контролирани одговори преку програма, тие сами ќе ги бараат на друго место и често ќе наидат на погрешни одговори и ќе станат жртви без да знаат што им се случило.“


Најчестите митови за ССО

МИТ: Младите денес знаат сè  за сексот

ФАКТ: 63 % од учениците изјавиле дека по биологија учеле за заштита од ХИВ ама само 21 % од нив кажале дека учеле за употреба на кондом. Кондомот е најдостапната заштита од ХИВ денес, па бесполезно е да ги учиме младите за ХИВ и другите СПИ ако не ги учиме како да се заштитат од нив. Какво фајде имаме ако знаеме што е кондом, а не знаеме како се употребува? Површно, нели? Да не спомнуваме дека сексуалноста е многу повеќе од тоа како се користи кондом.

МИТ: ССО ги учи младите да имаат секс од мали нозе

ФАКТ: ССО ги учи младите за здравје и за сексуалност, а тоа е многу повеќе од „секс“. ССО ги учи младите за телото и како тоа функционира и како да имаат здрави врски – пријателски и романтични. Преку ССО се учи и за безбедност, почит, љубезност, самоизразување, љубов, вредности, правата што секој од нас ги има за своето тело. ССО  им помага на младите да си ги подобрат вештините за комуникација, носење одлуки, поставување и почитување на границите, да бидат емпатични и етични, да знаат како да се справат со одбивање, како да се грижат за своето тело и за своето здравје. Спротивно на верувањето, ССО помага младите да го одложат стапувањето во сексуални односи токму поради подобрата информираност. ССО исто така ги ослободува младите од притисокот од средината и од нивните врсници да влегуваат прерано во сексуални односи.

МИТ: ССО ги учи децата да бидат хомосексуалци

ФАКТ: Не. Сексуалната ориентација е вродена – не се учи ниту, пак, се избира. Од друга страна, насилството поради сексуална ориентација се учи – и мора да се одучи! Независно дали се случува во училишните ходници или онлајн по часовите.

МИТ: Ако девојката била облечена провокативно, сама е виновна што била силувана

ФАКТ: Во ниту еден случај, никогаш, облеката или однесувањето на девојката не е покана/провокација за силување! Жртвата на насилство никогаш не е виновна за насилството што го доживеала. Едно чудо податоци добиени од центрите за помош на жртвите потврдуваат дека начинот на облекување и изгледот на жртвата не се пресудни за силувачот. Жртвите може да се облечени најскромно и повторно да станат жртви.

МИТ: Вистински маж не плаче, жена што реагира драматично сигурно е во ПМС

ФАКТ: Емоциите немаат род. Човечки е да се чувствуваш тажно, среќно, луто, заљубено, бесно, без разлика на полот или родот. Емоциите можат да зависат од повеќе фактори како кај мажите, така и кај жените. Плачењето не нѐ прави помалку мажи, како што ни ПМС-от не е секогаш причина поради која жените се вознемирени. Искажувањето на емоциите е здраво, а нивното потиснување може сериозно да го наруши нашето здравје без разлика на кој род или пол припаѓаме.

МИТ: Не можеш да забремениш ако имаш добиено

ФАКТ: Бременоста се случува кога сперматозоидот ќе ја оплоди јајце-клетката. Во женското тело се создава само една јајце-клетка месечно, но спермата на машкото содржи околу 200 милиони сперматозоиди. А доволно е само еден да ја оплоди јајце-клетката. Ова може да се случи независно дали сексуалниот однос ти е прв, дали се случува за време на менструација, дали избегнувате одредени секс-позиции или дали ќе се истуширате по односот. Најефективниот начин да се спречи непланирана бременост е да се користи бариерно контрацептивно средство (кондом) и орална контрапцеција.

Повеќе за најчестите митови и факти читајте ТУКА.

Истражувањата докажаа дека со обезбедување на вистинско знаење за клучна тема како што е сексуалното образование, во училница, се намалува сексуалната активност кај тинејџерите бидејќи тие се посвесни за ризиците од незаштитен секс. Ако не се соодветно едуцирани, тинејџерите имаат тенденција да бидат изложени на лагата дека сексот е безопасен, а тоа дополнително води до зголемување на нивните сексуални активности што може да влијае на нивното здравје во голема мера. Не се работи за тоа што е погрешно или правилно со сексот, туку се работи за ширење информации за преземање неопходни заштитни мерки. 

Сексуалното образование е исклучително неопходно за младите да бидат информирани и да донесат правилни одлуки. На тинејџерите им треба можност да направат избор земајќи ги предвид сите фактори, а со сексуалното образование тие ја добиваат таа можност. Сексот и сексуалноста може да бидат страшни за тинејџерите кога се небезбедни. Јавноста треба да ја охрабри програмата за ССО во училиштата за да може младите да ги добиваат потребните информации од добар извор, на начин кој повеќе им одговара на младите од модерната ера. Промената започнува од нас.

реклама

Со едноставен водоводџиски трик ослободете се од смрдеата од одводот

Read more

Трик со омекнувачот за облеката да мириса убаво и до седум дена

Read more

Во која храна ги има трите минерали најважни за тироидната жлезда?

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Теми и коментари

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more

8 Март и ослободувањето на жената – моќните приказни на жените од Македонија

Read more

Дрво по дрво: Кој ги убива белите дробови на Македонија?

Read more
 

Ново

Дани Алвес откако излезе од затвор веднаш направи забави славејќи до изгрејсонце

Читај повеќе

Дизелот е мртов за Volvo

Читај повеќе

Рецепт на денот: Јагнешки бут зачинет на грчки начин

Читај повеќе

Зошто никогаш не треба да го резервирате седиштето 11А во авион?

Читај повеќе
  • play_arrow

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Читај повеќе

Шпанците откриваат кога Модриќ заминува од Реал

Читај повеќе

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Читај повеќе

Телескопот Euclid се одмрзна и повторно ѕирка во темната вселена

Читај повеќе

Странските компании загубија 107 милијарди долари со повлекувањето од Русија

Читај повеќе