Зошто зажалив што ја изгледав цела сезона на „Emily in Paris“?

Го имаше потенцијалот да биде новата серија што ќе постави трендови (и стандарди), а само успеа да промовира стереотипи и ужасно здодевна просечност.

Новата серија на Netflix насловена најпросто „Emily in Paris“ ги бранува социјалните мрежи, но не на начин што креаторите на серијата си го замислуваа. А ги имаше сите состојки да биде хит: се емитува на најпопуларната стриминг платформа Netflix, креатор е Дарен Стар, има врска со дигитален маркетинг, дејството се случува во Париз, а актерската екипа е солидна. Но, не е сѐ во состојките.

Обожавам серии, но „Emily in Paris“ е една од оние за кои сакам да ми биде вратено назад времето што го потрошив.

*Предупредување! Оттука натаму следуваат спојлери за серијата

Накратко, Емили (Лили Колинс) е 20-и-нешто-годишна Американка која сосема неочекувано (и неквалификувано!) доаѓа да работи во француска маркетинг агенција за луксузни брендови, со единствена цел – да му даде „американски шмек“ на „заостанатиот“ начин на работа на „суровите, непопустливи, назадни, ладни“ Французи. И попатно да изгледа потполно некомпетентно, наивно и неретко, арогантно.

Креаторот е и творецот на мегапопуларната „Sex and the City“, Дарен Стар, а со него дојде и легендарната стилистка и костимографка од серијата–Патриша Филд, која преку стајлинзи го изгради ликот на Кери Бредшо подобро од предвидливите реплики и млаката глума на Сара Џесика Паркер. Помина долго време откако се збогував со Кери и нејзините пријателки од Менхетн, всушност, доволно долго за да може од дистанца да го анализирам еден од најплитките ликови на ТВ воопшто и да сфатам дека е во најмала рака штетен за девојките и жените. Но, ова е текст за Емили, која според годините и плиткоста на ликот би можела да ѝ биде ќерка на Бредшо. Дарен Стар неоспорно постигна огромен успех со SATC, но не е во дослух со модерните текови и потреби на публиката. Дури и кога ја има истата публика што ја има изгледано „Sex and the City“ по стопати. Земајќи клишеа ископани во горните слоеви на Google, „успеал“ да направи лик и приказна што не само што се брутално нереалистични (динг динг Кери Бредшо), туку и во огромни размери навредливи за Французите, културолшки нечувствителни и промовираат штетни стереотипи (спореден лик „претставник на ЛГБТК+ заедницата“ со пет реплики е толку 2003-та). Да, клише е убав збор во споредба со стереотипите што преовладуваат во серијата.

Ни убавините на Париз (сцените се навистина снимани во Градот на светлината), ни шармантноста на Колинс (иако понекогаш делува инфантилно), ни стајлинзите на Филд (која, патем, потфрла монументално на моменти), не ја спасуваат серијата од фактот дека е просечна идеја со катастрофална реализација. Дарен Стар очигледно не знае како живеат денешните 20-годишници и не знае што значат сите оние хаштази на социјалните медиуми за движења за еманципација на жените, ментално здравје и културна апропријација, што целосно се коси со бренд имиџот на Netflix. Исто така, изгледа никој не му кажал дека Французите, дури и во филмовите, кога разговараат меѓу себе, а не со американскиот лик, зборуваат на француски, а не англиски со сомнителен француски нагласок.

Професијата на главниот лик, Емили, е дигитален макетинг и ПР, бизнис што е актуелен, но во серијата претставен како магично стапче со кое се решаваат сите проблеми на брендот, како исчекор од минатото и ПР скандали. А да, и нејзините лични односи со сите околу неа. Уште едно плитко гуглање на тимот.

Некаде попатно Емили спомнува дека израснала со естетиката и приказните во „Gossip Girl“, што се гледа само во тоа колку погрешни заклучоци извлекла од популарната серија.

Кога сум кај естетиката, „Emily in Paris“ е визуелно привлечна за гледање, со исклучок на неколку аутфити кои треба да се анализираат во сосема друг текст (note to self*) – Париз е фатен од најубавите агли, сите ликови се згодни, убаво облечени и шармантни, имаме можност да се прошетаме со Емили низ Градот на светлината, но како туристи со малку подолг престој преку Airbnb , а не низ очите на млада професионалка која живее таму треба да изгради мрежа од бизнис врски и да го впие градот на културно, гастрономско и социјално ниво. А Париз има да понуди толку многу повеќе од чоколадни кроасани и Ајфеловата кула.

Работната етика на Емили е во најмала рака млитава, а во голема мера базирана на напумпана самодоверба. Прилично Американски, би рекле, но не сакам да го следам нивниот пример и да промовирам стереотипи. Емили не се обидува да го научи јазикот на кој се зборува во земјата каде дошла (со исклучок на некоја сцена од час по француски, но до крајот на сезоната сепак кажува само два збора на француски), не се прилагодува на средината каде дошла, туку се обидува да ја смени како што нејзе ѝ одговара, убедена дека тоа е „правилниот“ начин. Исто така, постојано зборува лошо за нејзините домаќини, иако таа не прави напори да им се допадне или барем да се привикне на локалниот начин на живот, додека тие постепено „смекнуваат“ на нејзината тврдоглава упорност и иритантна самобендисаност.

Можеби од сите клишеа и стереотипи најмногу ме „олади“ она што беше употребено за „градење“ на приватниот живот на Емили – да го искуси „францускиот“ начин на заведување, сексуални искуства и љубовни триаголници. Можеби овој момент испраќа најпогрешна порака, а наедно е далеку од сексуалната револуција и еманципација за која „гори“ светот во моментов.

Ја изгледав цела прва сезона во едно седнување и признавам, имаше неколку моменти каде што се насмеав на глас. Но, во изминативе години, кога како гледачка публика имав серии како „The Bold Type“ и „Younger“ од овој тип за уживање, а сега и за споредба, мојот заклучок е дека „Emily in Paris“ е промашување во речиси секој аспект. И колку и да ме копка дали ќе ја извадат Емили од бунарот на стереотипите во следната сезона, нема да потрошам ниту две минути да го погледнам трејлерот за втората сезона.

реклама

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Read more

Вештачка интелигенција управуваше борбен авион против човечки пилот

Read more

Рецензии

КАЈГАНА рецензија: Зошто (не) треба да го гледате Leave the World Behind на Netflix?

Read more

КАЈГАНА ПРЕПОРАКА: Зошто треба да го гледате Barbie?

Read more

And Just Like That: Очајнички обид да се биде релевантен по „Сексот и градот“

Read more

Кон „ТМ“ на Димитријевиќ и Иванов: Подржи ми го егзистенцијалниот немир

Read more
 

Сцена

Леонардо Дикаприо го игра Френк Синатра во новиот филм на Скорсезе

Читај повеќе

Повторно зад решетки: Уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ

Читај повеќе
  • play_arrow

Лажен трејлер за новиот Џејмс Бонд доби милиони прегледи: Го сакаме него!

Читај повеќе

Роберт де Ниро откри кои му се најомилените актери на сите времиња

Читај повеќе

Зошто Кевин Костнер одби да му даде улога на Крис Хемсворт во својот филм?

Читај повеќе

Хенри Кавил ќе стане татко – чекаат бебе со девојката Натали

Читај повеќе
  • play_arrow

Сила и Нервоза е насловот на новиот заеднички сингл на Суперхикс и Фолтин

Читај повеќе
  • play_arrow

Пластичен хирург откри какви зафати направила Анџелина Џоли

Читај повеќе

Реквизитерката на Rust осудена на 18 месеци затвор за смртта на снимателката

Читај повеќе