25 ноември 1939, Кочо Рацин ја објавил збирката песни Бели мугри
Во гратчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Стихозбирката била испечатена во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот бил испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот К. Рацин. Стихозбирката брзо се растурила по цела тогашна Југославија, но и во Пиринска Македонија и постигнала голем успех.
Стихозбирката е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите.
Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.