3 ноември 1957, Спутник-2 го однел кучето Лајка во вселената
Советското летало Спутник-2 на денешен ден во 1957 година станало првото вселенско биолошко летало откако заминало во вселената со патник, кучето наречено Лајка.
Спутник-2 бил висок 4 метри со конусоидна капсула со дијаметар на основата од 2 метра и тежина од 508,3 килограми. Кабината каде било сместено кучето била тесна и имала доволно простор за да стои или да лежи.
Патникот бил женски самојад-териер по име Лајка со тежина од 6 килограми. Кучето однапред било осудено на смрт бидејќи тогашната технологија не можела успешно да го врати леталото на Земјата.
Лансирањето било од космодромот Бајконур во 17:30 часот по московско време со ракетата Спутник 8К71ПС. Тогашните информации велеле дека Лајка живеела една недела во орбитата, бидејќи имала храна и кислород за 10 дена. Сепак, според најновите истражувања на Русите, Лајка веројатно починала 5-7 часа по лансирањето поради голема жештина во леталото.