6 февруари 1958, се урнал авионот со фудбалерите на Манчестер Јунајтед
Најголемата трагедија во англиската спортска историја e онаа кога авионот со играчите на Манчестер Јунајтед не успеал да полета од Минхен, уривајќи се при третиот обид.
Во авионот била славната генерација наречена „Базбиеви бебиња“ поради својот тренер Мет Базби, кој од академијата ги направил играчи. Осуммина од нив загинале во Минхен: Роџер Брн, Еди Колман, Марк Џонс, Данкан Едвардс, Били Вилан, Томи Тејлор, Дејвид Пег и Џеф Бент, додека Џеки Бленчфлауер и Џони Бери заработиле повреди кои им ставиле крај на кариерите.
Манчестер гостувал во Белград кај Црвена звезда во четвртфиналето од Купот на шампионите. Се изборил за 3:3, резултат кој го однел во полуфиналето. Авионот Airspeed AS-57 Ambassador на British European Airways со број 609, застанал во Минхен да наполни гориво и при третиот обид за полетување кон Манчестер се урнал поради кашест снег.
Преживеале деветмина играчи меѓу кои и Боби Чарлтон, кој потоа со Англија во 1966 година станал светски шампион. Останатите се Бил Фолкс, Хари Грег, Кени Морганс, Алберт Сканлон, Денис Вајолет, Реј Вуд, како и тренерот Мет Базби.
Меѓу загинатите, вкупно 23, биле и копилотот, еден стјуард, клупскиот секретар, двајца тренери, 8 новинари и две други лица.