8 август 1786, Пакар прв го искачил Мон Блан
Сардинскиот алпинист Мишел-Габриел Пакар и неговиот носач Жак Балма први го освоиле Мон Блан, највисокиот врв во западниот дел на Европа.
Пакар по професија бил доктор, но и страстен љубител на алпинизмот, во време кога овој спорт бил во своите почетоци. Прв пат се обидел да го искачи Мон Блан во 1783 година заедно со Марк Теодор Бурит, но неуспешно. Наредната година се обидел во неколку наврати со Жак Балма, кој бил планинар, но исто така неуспешно. Конечно тоа им успеало на денешен ден во далечната 1786 година. Двајцата биле од тогашното Кралство Сардинија, кое освен островот Сардинија зафаќало и континентален дел од денешна Северозападна Италија, Монако и мал дел од Франција, вклучелно и врвот Мон Блан.
Искачувањето на Мон Блан од Пакар и Балма било огромен успех во раната историја на алпинизмот.
Мон Блан е највисокиот врв на Алпите со 4.807,81 метри. Тој е втор највисок врв во Европа по Елбрус во рускиот дел од Кавкаските Планини.