Скопје, 6 април 2020 (МИА) – Според статистиката на Институтот за јавно здравје, 18 деца до деветгодишна возраст се дијагностицирани со коронавирусот.
Кај сите нив, клиничката слика е лесна и немало потреба од подолга хоспитализација, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.
Министерот, меѓу останатото, информираше дека на Гинеколошко-акушерската клиника се тестираат сите кои имаат симптоми на коронавирусот.
-Постои целосно изолирана патека за родилките кои се позитивни на коронавирусот. Целосно се опремени лекарите и медицинските сестри, а се тестираат оние од персоналот кај кои има симптоми, рече Филипче.
Во однос на тоа дали има позитивни на коронавирусот во Инфективната клиника како резултат на зараза од техничарот кај кого е покажан позитивен тест на COVID-19 од таа болница, министерот рече дека сите тестови од колегите се негативни и оти се размислува дека заразата настанала надвор од работното место за што се прават епидемиолошки анкети. Информираше дека клиниката функционира нормално.
Прашан дали во Владата се размислува за кремирање на починатите од COVID-19, Филипче истакна дека за погребување на починатите постои соодветен протокол и нема ризик за присутните на чинот на погребување.