30 октомври 1973, пуштен бил во употреба Босфорскиот Мост
Мостот, кој во Истанбул ги поврзува Европа и Азија, свечено бил пуштен во употреба на денешен ден во 1973 година по три и пол години изградба.
Направен е од челик, долг е 1.560 метри, широк 33,40, а висок 165. Бил дизајниран од британските инженери Гилберт Робертс, Вилијам Браун ио Мајкл Парсонс. Изградбата почнала на 20 февруари 1970, а бил завршен на 1 јуни 1973. Одлуката за изградба на мостот била донесена уште во 1957 година, а проектот бил изработен дури во 1968.
Изворно на турски е познат како Боазичи Ќопрусу (Boğaziçi Köprüsü), но локалните жители го нарекуваат Биринџи Ќопру (Birinci Köprü - Прв мост). Инаку, официјалното име му е 15 Темуз Шехитлер Ќопрусу (15 Temmuz Şehitler Köprüsü - Мост на мачениците од 15 јули) во чест на загинатите војници што се спротивставувале на обидот за пуч на 15 јули 2016 година.
Дневно по него минуваат околу 200 илјади возила.