Американскиот претседател сугерира дека треба да се истражат односите на Маск со други земји за да се утврди дали тој прави нешто несоодветно.
Претседателот на САД Џо Бајден во разговор со новинари изјави дека вреди да се испитаат односите на Илон Маск со други земји. Бајден не прецизираше дали е во тек некаква истрага, но посочи дека извршниот директор на Tesla и Twitter треба да биде подложен на дополнителна проверка.
„Мислам дека соработката и техничките односи на Илон Маск со други земји се вредни за испитување“, рече Бајден. „Без разлика дали прави нешто несоодветно или не - јас не го сугерирам тоа - сугерирам дека вреди да се истражат, и тоа е сè што ќе кажам.“
Не е јасно точно на кој од односите на Маск мисли Бајден, но тој не е првиот официјален претставник кој како потенцијална загриженост ги наведе врските на најбогатиот човек со други земји. Сенаторот Крис Марфи рече дека Комитетот за странски инвестиции во САД треба да го истражи договорот на Маск за купување на Twitter, укажувајќи на големите инвестиции на Саудиска Арабија и Катар.
Други критичари велат дека операциите на Tesla во Кина би можеле да му отежнат на Маск да донесува одлуки за содржините кои влијаат на земјата и дека владините претставници би можеле да го принудат да предаде чувствителни информации. The Washington Post во јуни објави дека некои американски разузнавачки аналитичари и претставници на Белата куќа се загрижени дека Кина ќе го зголеми притисокот врз Маск доколку го купи Twitter.
Маск беше критикуван и за неговиот предлог за мир во Украина, во кој го спомна и Косово. Тој подоцна се закани дека ќе престане да го укинува итернетот Starlink во Украина доколку Пентагон не ги плати сметките, но тој брзо се повлече од таа одлука.