Повеќето азиски берзи се тргуваа претпазливо денеска, како и Волстрит претходниот ден, додека цените на кинеските акции пораснаа по подобри од очекуваните податоци на втората по големина економија во светот.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 7 часот порасна за 0,1 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 0,9 и 1,2 отсто. Во Јужна Кореја и Австралија, пак, тие паднаа меѓу 0,9 и 1,1 отсто.
Инвеститорите во Кина беа охрабрени од подобрите од очекуваните податоци за надворешната трговија. Во април кинескиот извоз порасна за 1,5 отсто на годишно ниво, а увозот за 8,4 отсто.
Овие податоци ги поддржаа надежите на инвеститорите за зајакнување на странската и домашната побарувачка, имајќи предвид дека и извозот и увозот паднаа во март. На останатите берзи во регионот се тргува внимателно, исто како вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,44 отсто, додека S&P 500 остана речиси непроменет, а Nasdaq индексот падна за 0,2 отсто. Освен деловните извештаи на компаниите, нема вести кои би можеле да имаат значително влијание на пазарот.
„Едноставно, чекаме нов возач кој ќе го насочува пазарот. Тоа најверојатно ќе бидат извештаите за потрошувачките и производните цени во САД, кои ќе бидат објавени следната недела. Мислам дека инвеститорите не се подготвени да преземаат премногу ризик додека не видиме нови податоци за инфлацијата“, рече Ентони Саглимбене, стратег во Ameriprise.
Пазарот долго време е поддржан од надежта на инвеститорите дека американската централна банка наскоро ќе почне да ги намалува каматните стапки. Сепак, претставниците на ФЕД велат дека нема потреба да се брза со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата е сè уште покачена.
На валутните пазари, пак, вредноста на доларот во однос на кошничката на валути благо порасна.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 105,55 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,50 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 154,95 на 155,55 јени.
Доларот во последните денови зајакна во однос на јенот, иако јапонските власти предупредуваат на негативното влијание од слабоста на јенот и се закануваат дека повторно ќе интервенираат на пазарот за да го запрат слабеењето на јенот. Јапонската централна банка интервенираше во најмалку два наврати минатата недела, велат трговците.
И додека зајакна во однос на јенот, американската валута ослабна во однос на европската. Според тоа, цената на еврото достигна 1,0745 долари, додека вчера во ова време беше 1,0735 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,41 отсто, на 83,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,53 отсто, на 79,40 долари.