Најпознатиот автомобил на Марадона несомнено беше црното Ferrari Testarossa, но славниот спортист не ја криеше љубовта кон Porsche.
Првиот автомобил на Марадона беше Porsche 924 купен на старо, што го возеше пред да дојде во Европа. Од друга страна, на Стариот континент тој можеше да си дозволи далеку поскапи автомобили. Меѓу нив е и Porsche 911 Type 964 Carrera 2 Cabrio, кој наскоро ќе биде понуден на аукција во Париз, во режија на Bonhams.
Се очекува да има голем интерес бидејќи овој автомобил првпат е ставен на аукција. Марадона го купи култниот 911 кога, по суспензијата, се пресели во Севилја каде што веднаш продолжи со опуштен начин на живот. Не го штедеше ова Porsche со 3,6-литарски мотор од 250 КС, а познато е дека полицијата го фати откако возеше низ град со над 170 километри на час.
Напуштајќи ја Севилја, тој го продал автомобилот на непознат купувач од Мајорка. Последниот сопственик го купил во 2016 година и оттогаш се грижел за него.
До денес има акумулирано 120.000 поминати километри. Се смета дека може да достигне цена од 200.000 евра.