На западната диета ѝ недостигаат влакна и тоа би можело фундаментално да го промени начинот на кој нашите црева ја варат растителната храна.
Иако овошјето и зеленчукот се клучен дел од човечката исхрана уште од древни времиња, научниците дури сега почнуваат да разбираат како нашите тела ја разградуваат целулозата, главната компонента на растителните клеточни ѕидови.
Во новото истражување, меѓународен тим експерти откри претходно непознати микроби во нашите црева кои се способни да ја разградат целулозата. Со децении се претпоставуваше дека човечкото тело не може да ја разгради целулозата како кравите, коњите, овците и другите цицачи.
Дури во 2003 година беше откриено дека цревните бактерии во нашето тело можат да ги сварат овие влакна. Во новото истражување, научниците тргнаа да бараат слични микроби преку гените на овие бактерии. Излегува дека во нашите црева престојуваат неколку видови на микроби кои ја „грицкаат“ целулозата, што досега не сме ги забележале.
Еден вид е поврзан со цицачите копитари, друг со приматите, а третиот со луѓето. Сите три бактерии припаѓаат на родот Ruminococcus и поседуваат гени за варење на целулоза. Овие три типа на микроби ги има во изобилство во примероците од измет на ловци-собирачи, руралните популации и древните луѓе кои живееле пред 1.000 до 2.000 години.
Но, имаше многу малку од нив кај луѓето што живеат во модерни, индустријализирани општества.
„Нивото на овие видови се чини дека полека се намалува во нашите црева, што веројатно е под влијание на промената кон западниот начин на живот“, пишуваат научниците, како што пренесува Science Alert.
Експертите се загрижени дека намаленото ниво на овие бактерии може на некој начин да влијае на полошо здравје во урбанизирано општество и дека би било добро да се размислува за намерно внесување на овие видови во човечкото тело преку додатоци во исхраната или специјализирани пробиотици.
Некои истражувања покажаа дека додатоците со целулоза, како што се растителните влакна, може да резултираат со повеќекратни и разновидни здравствени придобивки; вклучувајќи промени во цревните микроби, имунолошки одговор и генска експресија. Но, целата оваа област сè уште е во голема мера неистражена, а основните механизми зад овој процес сè уште остануваат еден вид мистерија.
Истражувањето Cryptic diversity of cellulose-degrading gut bacteria in industrialized humans беше објавено во списанието Science.