Аргентинскиот фудбалер Лео Меси денеска одржа прес-конференција на стадионот Ноу Камп, објаснувајќи ги причините за неговото заминување од каталонскиот клуб.
Меси се збогува од саканиот клуб откако Барселона поради финансиски проблеми не успеа да обезбеди нов договор. Иако се согласи на драстично намалување на платата, Барселона не можеше да го задржи.
„Размислував што ќе кажам, но едноставно не сум подготвен за тоа. Овде го минав целиот живот. Бев уверен дека ќе останам овде, тоа го кажав и на моето семејство, но сега по 21 година ќе морам да се збогувам“, изјави Меси со солзи кои не можеше да ги сокрие.
Аргентинецот не беше сам на прес-конференцијата. Покрај него беше семејството, но и голем дел од екипата на Барселона. Меси им се заблагодари на сите, како и на навивачите на кои им кажа дека сакал да се збогува пред полн стадион. Беше испратен со громогласен аплауз од присутните.
„Направивме сè што можевме, се договориме, но пресудија правилата на Ла Лига. Јас сакав да останам. Минатата сезона сакав да си заминам и тоа јасно го кажав, но овој пат од моја страна направив сè што можев за да останам“, изјави Меси.