Премиерлигашот објави дека навивачот ќе добие доживотна суспензија за присуство на сите натпревари на Лестер.
Во неделата Лестер Сити гостуваше кај второлигашот Нотингем Форест во рамките на 16-финалето во најстарото клупско натпреварување во светот, ФА купот.
Домашните за две минути, во 23. и 24. минута, постигнаа два гола и направија солидно водство кое потоа во 32. минута го зголемија на 3:0. При прославата на тој гол навивач на гостите влета на теренот и со боксови удри по домашните фудбалери кои беа собрани на куп.
Успеа да нанесе неколку удари пред редарите да го оттргнат. На видеото се гледа и како дел од домашните играчи го туркаат од нив, а еден му врати и бокс.
„Клубот е згрозен од таквото однесување и испраќа извинување до Нотингем Форест и неговите играчи. Ја поздравуваме акцијата на стјуардите на стадионот кои го уапсија човекот кој ќе биде доживотно суспендиран од домашните и гостинските натпревари на Лестер“, стои во клупското соопштение.
Натпреварот заврши со конечна победа на Нотингем од 4:1, тим кој во осминафиналето ќе се сретне со Хадерсфилд. Инаку, Нотингем претходно елиминираше уште еден великан, Арсенал.