Вработените во НАСА можат да се гордеат со сработеното бидејќи хеликоптерот Ingenuity успешно го заврши својот 15-ти лет на Марс.

НАСА го испрати хеликоптерот на Марс без гаранција дека воопшто ќе полета, но ја исполни својата задача и со текот на времето леташе подолго, повисок и побрзо од очекуваното. Дури се веруваше дека леталото ќе крахира до петтиот лет, но успешно заврши 15 летови.
Инженерите не беа сигурни дека хеликоптерот воопшто ќе функционира на Марс бидејќи е тешко да се полета во атмосфера која има само 1 процент густина во споредба со атмосферата на Земјата. Летот на Марс е еднаков на лет на височина трипати поголема од Монт Еверест. Но НАСА докажа дека постои можност за лет преку своите демонстрации на технологијата.
Инженерите на НАСА направија мало вселенско летало со пропелери, кое го ставија во утробата на роверот Perseverance. Не беа сигурни дека хеликоптерот ќе ја преживее првата ноќ на студената површина на Марс и се плашеа дека нема да може да полета откако ќе ја добие командата. Исто така, постоеше ризик од пад при еден од петте закажани летови.
Сепак, Ingenuity се покажа како одличен и успешно го заврши својот 15-ти лет на Црвената планета минатиот викенд. НАСА сè уште ги обработува податоците од последниот лет, но доколку сè поминало според планот, хеликоптерот најверојатно достигнал висина од нешто повеќе од 12 метри и прелетал 406 метри за помалку од 129 секунди.
Роверот Perseverance заедно со хеликоптерот Ingenuity пристигна на Марс на 18 февруари годинава и слета во кратерот Језеро. Научниците веруваат дека кратерот некогаш бил езеро и претставувал екосистем на марсовски микроби пред 3,5 милијарди години. Доколку постоеле такви микроби, тие би можело да бидат фосилизирани во наоѓалишта на минерали кои паднале на дното на езерото и станале карпи.
Во НАСА мислеа дека хеликоптерот нема да може безбедно да слета до петтиот лет бидејќи во тој момент требало да биде во неистражени области.
Откако истече продолжената мисија, беше поставена нова, па хеликоптерот продолжи да лета. Досега не се урнал, ниту се мешал во работењето на роверот Perseverance. Речиси секој лет го извел беспрекорно, освен еден кога се сврти за време на летот, но и тогаш безбедно слета. За време на последните два лета, беше зголемена брзината на пропелерот. НАСА планира да изврши уште четири до седум летови за да го врати Ingenuity на местото на слетување на роверот Perseverance. Каков е планот потоа, засега не се знае.
Агенцијата планира во иднина да испрати поамбициозни хеликоптери на Марс, а веројатно и во други светови. Вселенските беспилотни летала слични на Ingenuity може еден ден да истражуваат тешки терени од воздух, да проучуваат големи региони побрзо од роверите и да служат како астронаути за извидување.
НАСА веќе развива таков хеликоптер наречен Dragonfly, кој ќе биде лансиран кон сатурновата месечина Титан во 2027 година. Целта е да се истражи дали овој свет богат со метан може да поддржува вонземски живот.