Милан Илиевски веќе не е шеф на стручниот штаб на прволигашот од Дебар Маало. По синоќешниот убедлив пораз од 3:0 од Шкупи, клубот постигна спогодбен раскин на договорот.
„Клубот му се заблагодарува на Милан Илиевски за досегашната напорна работа и му посакува среќа во понатамошната кариера“, објави Работнички.
Дебармаалци информираат дека во наредните денови ќе биде донесена одлука кој ќе го предводи тимот во наредниот период.
По 12 одиграни кола во 1.МФЛ Работнички е на разочарувачкото 9. место со само 13 бодови од можни 36. „Романтичарите“ имата скор од 4 победи, 1 реми и дури 7 порази, најмногфу од сите во лигата. Илиевски беше во серија од три последователни порази, меѓу кои и 1:0 во Дербито на Скопје од соседот Вардар, а серијата почна со 2:1 пораз во Штип од Брегалница.
Во следното 13. коло Работнички на домашен терен го пречекува Силекс. Останува да видиме дали клупската управа на чело со новите сопственици ќе назначат нов тренер деновиве.
41-годишниот Илиевски е поранешен фудбалер кој долги години играше за Работнички, прво како латерален бек, а потоа кон крајот на кариерата како централен. Кратко настапуваше и за Милано, Македонија ЃП, Вардар и Металург. Од летото 2021 е во стручниот штаб и на селекторот Благоја Милевски во репрезентацијата на Македонија. На клупата на Работнички седна од почетокот на октомври 2022.