Македонскиот фудбалски шампион синоќа потклекна во првиот дуел од последната пречка пред пласманот во групната фаза од Европа конференциската лига откако среде Скопје со пресврт загуби од косовски Балкани.
Играчите на Шкупи најавија добар резултат со голот на Сандеј Адетунџи во 19. минута со глава по нафрлувањето на Фреди Алварес, но само 4 минути подоцна гостите израмнија преку Албион Рахмани. Потоа во 67. минута Балкани направи комплетен пресврт кога со еврогол погоди Меритон Кореница, а Шкупи до крајот не успеа ниту да израмни и претрпе пораз среде Скопје, пораз кој го оддалечи од историски пласман во групната фаза.
Од резултатот, нормално, е незадоволен предводникот Гоце Седлоски. Тој своето незадоволство го изрази на прес-конференцијата по натпреварот, но и напомена дека има уште еден натпревар да се игра, иако на гостински терен.
„Добар натпревар, но денеска подобриот тим не победи. Видовте и самите, на толку неискористени шанси... Отворивме одлично, супер влеговме во натпреварот, но примивме лош гол за кој ги предупредив играчите. По тој гол малку се раздрмавме, ја загубивме средината на теренот, а поради тоа засилив со Адем. Последите дваесет минути играчите дадоа сè од себе, буквално го надигравме противникот, не искористивме шанси, па противникот со два шута нѐ победи“, рече Седлоски.
„Има уште 90 минути. Никако не можам да му честитам на противникот, бидејќи не беше подобар. Грешките од минатите натпревари се повторуваат, па примивме два гола од кои не можевме да се вратиме. На вакви натпревари, ако не дадеш голови, следува казна. Немам замерки за моите играчи бидејќи сите се потрудија. Откако противникот го даде вториот гол, застана и нè чекаше. Мора да бидеме смирени, да ги смириме играчите. Ќе се обидеме да ги надминеме грешките. Моја е одговорноста, јас ги бирам играчите, јас ја поставувам играта. По шансите кои ги демонстриравме денес, не заслуживме да загубиме“.
„Уште еднаш ќе напоменам, има уште 90 минути, и како што Балкани победи тука, ние ќе се обидеме да победиме таму. Не треба да нѐ фаќа паника, напротив, сега треба да се смириме, и да одиграме максимално Одиме во Приштина по позитивен резултат и да се надигруваме. Еден гол разлика не е ништо, можеме да се вратиме“, заврши тој.
Реваншот меѓу Балкани и Шкупи ќе се игра в четврток, 25 август, на „Фадиљ Вокри“ стадионот во Приштина со почеток од 20:00 часот. Ќе суди Унгарецот Иштван Вад.