Утринава полицијата влезе во просториите на Кралската фудбалска федерација на Шпанија (РФЕФ) поради сомневање за коруптивни активности. Овие сомнежи се засноваат на незаконски договори преку кои наводно се переле пари. Во објавата на оваа вест шпанските медиуми пренесоа дека во полициската акција има уапсени.
Шпанските медиуми јавуваат дека досега се уапсени седум лица. Нивните имиња не се споменуваат. Под истрага се уште пет лица.
Во исто време полицијата изврши претрес и во домовите на вработени и поранешни вработени во РФЕФ.
Еден од домовите во кои влезе полицијата бил и домот на поранешниот претседател на РФЕФ, Луис Рубиалес. Тој во моментов не е во Шпанија.
Да потсетиме, Рубиалес беше суспендиран од сите фудбалски активности на три години поради сексистичкиот скандал на финалето на Светското првенство за жени. Причината е што за време на доделувањето на златните медали против нејзина волја ја бакна в уста репрезентативката Хени Ермосо.
Судот, кој ги истражува договорите што ги потпиша РФЕФ со Саудиска Арабија, домаќинот на натпреварите од шпанскиот Суперкуп, издаде наредба за увид во спорните документи.
Првиот контакт пред потпишувањето на тој договор го оствари компанијата Cosmos, чиј сопственик е поранешниот шпански репрезентативец и стопер на Барселона Жерард Пике.
Врз основ на тие договори, РФЕФ остварува профит од 40 милиони евра годишно.