Бордо игра сезона за заборав, последен е во француската лига и пред испаѓање во втора лига. Сега во јавноста протече скандал од соблекувалната на шесткратниот француски шампион.
RMC Sport извести дека еден фудбалер крадел копачки на соиграчите од соблекувалната по тренинзи и натпревари. Потоа ги продавал преку интернет и така заработувал дополнителни пари. Неговото име не беше објавено, а клубот го казни и го исфрли од тимот на еден натпревар.
Дел од играчите се разочарани што фудбалерот, еден од најмладите во тимот, не бил избркан од клубот, туку вратен кај оштетените соиграчи. Фудбалерите на Бордо веќе извесно време забележувале дека им недостасуваат копачките, но не знаеле кој е крадецот. Крадецот на крајот бил разоткриен од неговата поранешна девојка по раскинувањето.