Скопската публика ќе има можност да ја погледне претставата „Синиот портокал“ на велешкиот театар во просториите на Јавна соба.

Изведбата, е закажана за 8 февруари (среда) со почеток од 20 часот (прием на публика 19:30ч). Билетите се по цена од 300 денари може да се набават однапред во Јавна соба. Резервации на билети може да се направат телефонски број 078 250 554.
Во претставата играат актерите Самоил Стојановски, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Драматургијата е на Катерина Момева, сценографијата на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Режисер е Александар Ивановски.
„Синиот портокал“ е македонска праизведба на истоимениот драмски текст на британскиот автор Џо Пенхол, кој во своите драми се занимава со современиот социолошки контекст, а ликовите за кои пишува се индивидуи кои бараат себереализација во општеството кое робува на бирократизација и меѓучовечки ривализам.
Станува збор за саркастична комична пиеса, која се осврнува на расата, менталната болест и британскиот живот во 21-виот век. Првпат е поставена во 2000 година во Националниот Театар во Лондон и доживува голем успех освојувајќи ги наградите за најдобра драма на три престижни британски фестивали.
Во центарот на оригиналната пиеса се двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад шизофрен пациент, Афроамериканец кој доаѓа од црнечкото гето, кој во постановката на драмата во Велешкиот театар се вика Ерџан и е Ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.
„Синиот портокал“ е една од најизведуваните претстави на велешкиот театар. Изведбата во Јавна соба ќе биде 75-та по ред досега.
За улогата на Ерџан, актерот Фаик Мефаилоски ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонското културно лето во Албанија, наградата за главна машка улога на фестивалот Гола Месечина и Специјална награда за значаен придонес во специфичноста на актерскиот израз при градењето на ликот на Ерџан на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков”. „Синиот портокал“ ја има добиено наградата Најдобра претстава по избор на публиката на меѓународниот театарски фестивал Актерот на Европа.