Најмалку осум азиски лава се позитивни на коронавирусот во една зоолошка градина во Индија, државата која моментално е најпогодена од пандемијата.
Зоолошката градина „Нехру“ во градот Хидерабад во југоисточниот дел на земјата потврди дека дури осум лава го имаат вирусот. Тие покажувале симптоми како сува кашлица, течење на нос и загуба на апетитот, по што и им бил направен тест за COVID-19.
„Да, лавовите беа тестирани откако покажаа благи симптоми. До сега тие се добро и се активни“, изјавија од Зоо „Нехру“. Заразените се четири женки и четири мажјаци.
Се верува дека лавовите се заразиле поради контакт со луѓето кои се грижат за нив.
„Осумте лава се изолирани по што им е пружена неопходната грижа и нега. Сите осуммина добро реагираат на третманите и се опоравуваат. Веќе почнаа да се однесуваат нормално и добро да јадат“, објави индиското Министерство за животна средина, шуми и климатски промени.
Механизмот на пренос на вирусот од човек на животно сѐ уште е предмет на проучување бидејќи многу малку се знае на оваа тема.
Ситуацијата во Индија и натаму е крајно алармантна. Денеска се регистрирани 305.888 нови случаи, 2.654 починаа, додека активни случаи се 3.481.045.