Не е тешко да се претспостави дека станува збор за држави со навистина мала територија, но меѓу нив има и една со најголема густина на население на светот.
Многу земји ширум светот своето население го мерат во милиони, некои дури и во милијарди. Сепак, постојат држави чиј број на жители одговара на мал или средно голем град. Овие земји најчесто се територијално мали, што ги условува со мал простор на кој луѓето можат да живеат и да работат. Поради недостатокот од простор и ресурси, можноста да овие држави генерираат богатство и да просперираат се ограничени. Според податоците на World Atlas, ова се десетте држави во светот со најмало население:
Град-државата Ватикан, седиште на католичката црква, со своите 825 жители и површина од 0,49 км² е најмалата населена држава на светот. Најголемиот дел од населението го сочинуваат свештеници и монахини од сите краишта на светот. Ватикан се наѓа во срцето на градот Рим, престолнината на Италија. Иако е мала држава, Ватикан е многу богат. Ватиканската банка располага со средства од 8 милијарди американски долари. Туризмот е значаен извор на приход, а бројот на посетители тројно се зголеми откако за папа беше избран Франциск, нормално, ако не го земаме предвид периодот на пандемијата.
Втората најслабо населена држава во светот е Тували, зафрлен остров во јужниот дел на Пацификот. Тувалу е мал архипелаг во регионот Полинезија, оддалечен 1.000 километри северно од Фиџи и 2.000 километри источно од Соломоните. На површина од 26 км² живеат 11.650 жители. Населението на оваа држава се намалува поради порастот на нивото на светскиот океан, процес кој го загрозува опстанокот на нацијата.
Уште една мала островска држава во Тихиот Океан е Науру со 12.850 жители. Површината од 12,9 км² ја прави најмалата островска држава на светот. Некогаш Науру имал најголем БДП по глава на жител на светот благодарение на богатите наоѓалишта на фосфат. Денес повеќе нема фосфат, а БДП на Науру сега е најнизок на светот. Науру е загрозен поради последиците од претераните рудни активности и климатските промени. Обесноста е уште еден голем проблем на оваа нација која ги погодува дури 71,1% од населението и со тоа го прави најдебел народ на светот.
Во јужниот Пацифик се наоѓа уште една мала и слабо населена држава. Палау е составен од 250 острови, источно од Флипините, со вкупна површина од 395 км². Населението на Палау брои само 18.100 луѓе, иако површината на државата е значително поголема од таа на Науру и Тувалу.
Во североисточниот дел на Италија, во близина на Јадранското Море, се наоѓа еклавата Сан Марино. Се рачуна за најстарата република на светот која постои уште од времето кога градовите-држави биле чести во Европа. На површина од 61,2 км² живеат 33.860 жители. Пред пандемијата, три милиони туристи годишно го посетуваа Сан Марино.
Стиснато помеѓу Швајцарија и Австрија, на површина од 99,87 км², Кнежевството Лихтенштајн е дом на 38.020 жители. За разлика од Сан Марино, Лихтенштајн е најслабо посетената држава во Европа. И покрај малубројното население и скромната територија, Лихтенштајн е доста богата земја со БДП по глава на жител втор највисок на светот.
Кнежевството Монако се наоѓа на брегот на Средоземното Море и се граничи само со Франција. Површината му е 1,21 км² и тука живеат 38.960 жители. Оваа пропорција го прави Монако најгусто населена земја во светот со 26,337 жители на 1 км². Милионери се дури 32% од населението, што го прави и многу богата земја.
Во источниот дел на Карипското Море се наоѓа држава која ја сочинуваат два острова со 261 км², чии имиња го даваат и името на државата - Свети Кристофер и Невис, или скратено Свети Китс и Невис. Бројот на жители изнесува 52.830, но бројот на туристи која на годишно ниво ја посетуваат е огромен. На преубавите плажи од овие острови во 2019 година биле скоро 1,2 милиони туристи. Токму туризмот е најзначајната гранка од економијата на оваа земја.
Оваа држава која ја сочинува архипелаг од 29 атоли и 5 индивидуални острови се наѓа во регионот Микронезија. Маршалските Острови имаат вкупна површина од 1.942.491 км², од кои копнената површина зафаќа само 181 км². Најголемиот град е и престолнина, Маџуро, со 25 илјади жители, додека целата држава брои 58.790.
Не смеете да ги мешате Доминикана и Доминика. Првата е позната и како Доминиканска Република, додека втората е мала островска земја од 750 км² во источниот дел на Карибите. Составена е од еден остров на кој живеат 71.810 жители, од кои 3 илјади се припадници на домородниот народ Кариб. Оваа заедница е единствена домородна популација која преживеала на Источните Кариби.
Сите држави со мал број на налесение се соочуваат со слични проблеми. Островските држави од Тихиот Океан се витално загрозени поради порастот на нивото на океаните, а заедничка особина на сите мали држави е недостатокот од природни ресурси. Поради тоа мораат да наоѓаат други начини за остварување приход и градење на цврста економија. Некои од нив се поуспешни од другите, како Монако и Лихтенштајн кои и се меѓу најбогатите на светот. Тие ни покажуваат дека големината на територијата и бројноста на населението не се неопходни услови за просперитет.