Облаци прашина, кои ветрот ги донесе од Сахара, денеска ги прекри Атина и други грчки градови.
Според грчки метеоролог, африканската прашина која моментално покрива некои делови од земјата создаде морничава слика што прави Атина да изгледа како колонија на Марс.
Жолто-портокаловата магла зафати многу делови од земјата по неколкудневниот силен ветер од јужен правец, со ограничена видливост.
„Нашата колонија на Марс“, напиша метеорологот Костас Лагуварду на социјалните мрежи.
Небото над јужна Грција беше портокалово поради прашината која се движеше низ Средоземното Море од Северна Африка, покривајќи го Акропол и други знаменитости на Атина. Метеоролозите најавуваат дека небото ќе се разведри во текот на денот.
Метеоролозите ги советуваат граѓаните да бидат трпеливи бидејќи се прогнозира дека небото ќе се расчисти денеска благодарение на ветровите.
Во вторникот, дневниот максимум во делови на јужниот остров Крит беше над 30 степени Целзиусови, 20 степени Целзиусови повеќе од поголемиот дел од северна Грција.
Силните јужни ветрови во последните денови доведоа и до невообичаено рани пожари на југот на земјата. Противпожарната служба во вторникот вечерта соопшти дека во последните 24 часа низ државата избувнале вкупно 25 шумски пожари. Три лица се уапсени на егејскиот остров Парос под сомнение дека подметнале пожар во понеделникот, се додава. Нема информации за значителна материјална штета или повредени, а пожарот е брзо локализиран.
Исто така, високата концентрација на честички прашина ги погоди повеќето луѓе со респираторни проблеми „преку деградација на квалитетот на воздухот“, како што посочуваат од Грчкото здружение за белодробни заболувања.