Благодарение на една баба, италијанската полиција уапси 33 члена на озлогласената криминална група Ндрангета за продажба на наркотици и нелегално поседување оружје.
Жената, која живее во италијанскиот регион Калабрија, била загрижена за нејзиниот внук кој започнал да користи психоактивни супстанции, па отишла во локалната канцеларија на карабинерите, со намера да го спаси внукот од „пеколот на дрогата“.
Нејзиниот внук се снабдувал со дрога од т.н. клан Муто, кој е дел од злогласеното криминално здружение Ндрангета, објави италијанскиот весник la Repubblica. Бабата со карабинерите ги споделила сите нејзини сознанија за тоа каде и со кого се гледал внукот, а по дојавата полицијата тргнала во акција.
Епилогот е апсење на 33 лица, кои се товарат за нелегално производство и дистрибуција на наркотични средства, но и за нелегално поседување оружје.
Сè се случило во средата, кога според официјален претставник на локалната полиција, запленети се два килограми хашиш, 700 грама марихуана, а исто така е откриена и тајна продавница за дрога во бункер изграден над бањата на еден од осомничените.