На стадионот „Цементарница“ во скопска Кисела Вода не е потребно косење на тревата оти редовно ја пасат зајци - дури и кога се играат натпревари.
Во саботата имаше богата фудбалска програма на стадионот „Цементарница“. Прво од 14 часот се играше дерби за првото место во втората женска лига и пласман во прва лига меѓу скопски Вардар и битолски Атлетико. Потоа на сцена стапија фудбалерите на Кул и Слободен во рамки на општинската лига на Кисела Вода.
Додека се играа овие натпревари, зад едниот гол локалните зајци лакомо ја јадеа зелената трева. Се гоштеваа без страв од фудбалерките и фудбалерите кои на само неколку метри од нив ја шутираа топката, која за среќа не погоди ниту едно животно.
Како што дознавме, тие всушност живеат во самиот стадион, имаат живеалиште до соблекувалните.
Инаку, Атлетико со 2:1 го победи Вардар и го завери првото место и пласман во најдобрата македонска лига за жени. Мелиса Милица Димитриоска во 27. минута донесе водство за гостите, но набрзо, во 34. минута израмни Миа Головска. Само што почна вториот дел, во 49-тата, Мила Талевска го постигна голот вреден победа за Атлетико. Битолчанките сезонава завршија со максимален ефект од 14 победи во исто толку натпревари, односно 44 бодови, додека Вардар остана на 36.
По нив, од 16 часот, Кул со минимални 1:0 го совлада Слободен во борбата за второто место на 4.МФЛ Кисела Вода. Одлучувачкиот момент се случи во 47. минута кога Стефан Здравески мајсторски од слободен удар ја затресе мрежата.
(голот е на 1:19:20)