Гостувајќи во емисија на Рашида Џоунс, милијардерот Бил Гејтс изјави дека не ги разбира луѓето кои не носат маски и тоа го спореди со носење панталони.
„Самата идеја некој да одбива да носи маска за мене е неверојатно чудна. Што се тие, некои нудисти? Бараме луѓето да носат панталони, а за тоа не се бунат. Ако сакате животот да се врати во нормала, носете маски или не носете, но останете дома“, изјави Гејтс.
Тој исто така го изнесе и неговото мислење за тоа зошто маските не биле сметани за важни во раниот стадиум на пандемијата. Како што објасни, научниците своите совети ги темелеле на тоа што го знаат за респираторните вируси како настинка и грип.
„За разлика од пренос преку кашлица, со SARS-CoV-2 може да се заразите и преку разговор со друга личност. Ако на пример некој со настинка мине еден час во соба со здрави луѓе, повеќето ќе останат здрави. Во случај со COVID-19, сите би се заразиле“, објасни тој.
Втор клучен фактор кај болеста е можноста на ширење и кај асимптоматски случаи. Како што вели тој, експертите заклучиле дека домашните платнени маски, особено оние трислојните, спречуваат ширење на вирусот.
„Во раните стадиуми се сметаше дека само N95 или медицинските маски се заштитни, па се чуваа за здравствените работници. Сега е целосно јасно дека носењето маски има огромно влијание. Постои дијаграм кој покажува дека носењето маски е најделотворно во различни ситуации“, вели тој.