Американската стриминг платформа Netflix соопшти дека на крајот на 2020 година надминала 200 милиони претплатници и ги зголеми приходите за петтина во четвртиот квартал, бидејќи голем број луѓе во пандемијата го „трошеа“ времето пред екраните.
Само од октомври до декември, Netflix регистрираше 8,5 милиони нови корисници кои плаќаат за стриминг услугите благодарение на големиот одзив од сериите „The Queen’s Gambit“ и „Bridgerton“, новата сезона на „The Crown“ и филмот „The Midnight Sky“.
Со тоа, бројот на претплатници на стриминг гигантот кон крајот на 2020 година се искачи на 203,7 милиони, а за ваквите бројки голема заслуга има имаат и рестриктивните мерки воведени поради пандемијата, што ги затворија луѓето дома и ги „залепија“ пред екраните.
Netflix сака дополнително да ја прошири својата претплатничка база во 2021 година, но ниту конкуренцијата не седи со скрстени раце – Walt Disney ја претстави новата програма Disney+ во декември 2020 година, а AT&T на Warner Bros. планира годинава да ги испрати сите филмови директно до HBO Max и во кината.
„Огромниот раст на стриминг забавните програми ги поттикна нашите конкуренти како Disney, Warner Media и Discovery да се обидат да се натпреваруваат со нас воведувајќи новитети “, се вели во соопштението на Netflix.
„Тоа е делумно и причината зошто реагиравме толку брзо“, објаснуваат од Netflix, најавувајќи нови наслови и проширување на бизнисот во повеќе земји.
Се проценува дека 6 милиони нови претплатници ќе се регистрираат во првите три месеци од оваа година. Приходите на Netflix скокнаа за 21,3 проценти во последните три месеци од 2020 година, на 6,64 милијарди долари. Нето-профитот падна за 7,7 проценти, на 542,2 милиони американски долари.