Ниту офанзивата со Мбапе, Нејмар, Меси и Ди Марија не помогна, па преплатените париски ѕвезди доживеаја пораз од 2:0 на гостувањето кај просечниот тим на Рен.
Прв неуспех на „Светците“ во домашната Лиг 1. После осумте победи во исто толку кола, моќниот тим од куп ѕвезди заринка на „Роазон Парк“ стадионот во Бретања каде доживеа пораз со два гола од домашниот Рен.
Иако ПСЖ имаше целосна доминација, особено во првиот дел, на крајот натпреварот го заврши - верувале или не - без ниту еден удар во рамките на голот. Да, Лео Меси, Килјан Мбапе, Нејмар, Анхел Ди Марија, а потоа и нововлезениот Мауро Икарди не успеаја ниту еднаш да се заканат кон домашниот голман, Сенегалецот Амфред Гоми. Сите удари на „Светците“ или бегаа од голот, или беа блокирани.
На истекот од првиот дел, во 45. минута, Гаетан Лаборд ја најави изненадувачката победа, а само што почна второто полувреме, во 46. минута, Флавјан Те го дуплираше водството.
И покрај овој пораз ПСЖ останува убедливо прв со 24 бодови, шест повеќе од Ланс и осум од Ница која има и натпревар помалку, а десет од Марсеј кој, пак, има два натпревара помалку. За Рен ова беше само третата победа со која барем за момент се искачи на 7. место со 12 бода.