Иранската војска спроведе тест-лансирање на нова ракета, направена да носи сателити во вселената и за која се тврди дека е многу моќна.
Министерството за одбрана на Иран објави видео на кое се гледа дека лансирањето на новата ракета, наречена Зулџана, е успешно.
„Тестирањето му помогна на Иран да го развие својот најмоќен мотор за ракета која може да се лансира преку подвижна подлога за лансирање и која може да носи сателит од 22 килограма или до 10 помали“, вели Ахмад Хосејни, потпарол на Иранската воена вселенска дивизија.
Тестирањето доаѓа во време кога Вашингтон пројави интерес да го обнови нуклеарниот договор со Техеран од кој поранешниот претседател Доналд Трамп се повлече во 2018 година. Иранските власти ги информираа САД дека неможат туку така да се вратат на договорот бидејќи Вашингтон прво треба да ги олабави наметнатите санкции.