Еден од највпечатливите настапи на првата полуфинална вечер на Евровизија секако беше оној на ирската претставничка Бамби Таг, која се претстави со песната „Doomsday Blue“.
На социјалните мрежи велат дека Ирците годинава испратиле вештерка на Евровизија, а кога ќе го погледнете нејзиниот настап ќе ви стане јасно зошто. Песната „Doomsday Blue“ го опишува скршеното срце и болката од невозвратената љубов.
Во текстот се споменува клетвата Авада Кедавра, која потекнува од арамејскиот јазик и е популаризирана од франшизата за Хари Потер. Авада Кедавра е позната како „убиствена клетва“.
Нејзиниот настап предизвика лавина реакции кои се движеа од целосно воодушевување до тотално згрозување.
„Дали само што го гледавме повикувањето на ѓаволот“, прашуваа по интернет, а некои тврдеа дека Бамби Таг извршила сатанистички ритуал на сцената во арената Малме.
Но, имаше и такви кои нејзиниот настап го оценија како најдобар настап на овогодинешното издание на музичкиот натпревар.
Бамби Таг стана првиот претставник на Ирска кој по 6 години се квалификуваше за големото финале на Евровизија.
Таа, исто така, ја изрази својата поддршка за Палестина поради серијата протести поради учеството на Израел на натпреварот.
„Јас сум за Палестина, тоа не се менува. Тешка година е да се биде во конкуренцијата“, рече Бамби пред полуфиналето, „Не се согласувам со одлуката донесена од Европската радиодифузна унија, но јас не сум ЕБУ, не можам да го сменам нивното мислење“.