Насловната страница на априлскиот број на италијанското издание на „модната библија“ ќе биде целосно бела.
Vogue Italia има специјално издание во време на пандемија со COVID-19 кое за првпат во историјата на списанието ќе биде целосно бела.
„Белата боја, пред сѐ, значи почит. Белата е боја на преродувањето, светлина по мракот, сите бои се сумирани во неа. Белата е бојата на униформите на оние кои спасуваат животи ризикувајќи ги своите. Сега е време и место да се размислува. И да се биде тивок. Белината е за луѓето кои го пополнуваат ова време и простор со идеи, мисли, приказни, стихови, музика и добрина кон другите“, вели главниот уредник на Vogue Italia Емануел Фарнети.
„Ова е потсетник дека по кризата во 1929 година облеката стана бела, боја избрана да ја изрази чистотата на сегашноста и надежта за иднината. И над сѐ, белата е боја на непокорот, тоа е празна страница која треба да се исполни, основата на нова приказна која само што не почнала.“
Содржината на априлското издание кое ќе може бесплатно да се симне од веб-страницата на списанието, има и едиторијали на 40 уметници кои низ годините соработувале со легендарното списание, како Стивен Клајн, Дејвид Симс, Џо Мекена, Петра Колунс, Оливие Рицо...
„Некој ќе рече дека основната цел на Vogue е да забавува, да понуди неколкучасовна занимација за оние кои ќе ги пролистаат неговите страници. Не знам. Она што го знам е дека во својата долга историја што се протега повеќе од 100 години наназад, ова списание поминало низ војни, кризи и терористички напади. Подготвувавме сосема поинакво априлско издание, но да зборуваме за што било друго додека луѓе умираат, а докторите и медицинскиот персонал си ги ризикуваат животите и светот неповратно се менува, тоа не е во ДНК структурата на Vogue Italia. Соодветно на ситуацијата, го оставивме тој проект за понатаму и почнавме од нула“, вели Фарнети во уредничкиот предговор.