Синоќа во Будимпешта го видовме едно од најголемите изненадувања во атлетиката во последните десет години, кога малку познатата фрлачка на диск Лаулауга Таусага сензационално стана светска шампионка.
25-годишната Американка синоќа во петтата серија од финалето го фрли дискот на растојание од 69,49 метри и сензационално стана светска шампионка пред актуелната олимписка шампионка и сопственичка на најдобриот резултат сезонава, нејзината сонародничка Валари Алман, бранителка на титулата Фен Бин од Кина, и легендата на оваа дисциплина, Сандра Перковиќ.
Таа за повеќе од 4 метри го надмина личниот рекорд со кој дојде на Светското првенство во Будимпешта.
„Не знам дали добрата вила или дали моите предци имале нешто со ова, но успеав да го направам она што мислев дека е невозможно“, изјави фрлачката на диск од Хаваи.
Она што е особено фасцинантно е што ова ѝ беше трет настап на Светските првенства, а во претходните два во Доха 2019 и Јуџин 2022 заврши на последното место, 12-та во финалето.
Токму синоќа пред петтата серија беше на последното место, а во споредба со конкуренцијата во Јуџин минатата година, Таусага го фрли дискот дури 13 метри подолго.
„Неверојатно е што дојдов од 12. место на прво. Верував во себе и се надевав дека ќе стигнам до подиумот со моето најдобро фрлање“, рече Таусага.